Народната банка го објави азбучниот ред по кој следната седмица ќе може да се подигнат на шалтерите на банките парите од субвенциите за тутунот, за што информираа министерката за финансии Нина Ангеловска и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.

Тутунопроизводителите со дебитна картичка ќе може да подигнат пари од банкомат уште од понеделник од 16 часот до 23 часот, а како што кажа министерката Ангеловска, а потврди и Народна банка, списокот на тутунопроизводители со дебитна картичка е веќе испратен до полицијата, па примателите на субвенции за тутунотне треба да се плашат дека ќе бидат казнети за нарушување на полицискиот час ако одат до банкомат да подигнат пари додека сè уште трае продолжениот полициски час, кој завршува во вторник во 5 часот наутро.

Народна банка посочи дека тутунопроизводителите што немаат дебитни картички, од шалтерите на банките каде имаат сметки парите ќе може да ги подигнуваат според следниот распоред – по првата буква од презимето.
– 21 април (вторник) – А, Б, В, Г, Д;

– 22 април (среда) – Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К;

– 23 април (четврток) – Л, Љ, М, Н, Њ, О, П; Р;

– 24 април (петок) – С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.

Од вторник до петок со продолжено работно време – од 8 до 17 часот – ќе работат следниве експозитури:
– НЛБ Банка: Прилеп, Битола, Радовиш, Велес, Струмица, Кочани, Кавадарци и Неготино;
– Стопанска банка АД Скопје: Прилеп, Битола, Радовиш и Струмица.

Во овие градови за примателите на субвенциите полицискиот час ќе важи од 18 часот, а не од 16 часот, како за сите други граѓани.

Во другите општини, филијалите и експозитурите на сите банки ќе работат според постојното работно време во овој период.