Утревечер се отвора меѓународната изложба „Гледај тука сум без простор“ во МСУ

Извор: МСУ

Во трите галериски простори на Музејот на современата уметност – Скопје утре вечер ќе биде отворена меѓународна изложба со наслов „Гледај тука сум без простор“ (See me moving placeless).

Кураторки на изложбата се Мира Гаќина и Јованка Попова, кои селектираа 40-тина дела од севкупната уметничка колекција (249 дела) со која располага Дојче Телеком, во чие депо се наоѓаат прогресивни, современи уметнички дела на повеќе од 70 автори од преку 20 земји од источниот и југоисточниот дел на Европа.

Уметничката колекција на Дојче Телеком е иницирана во 2010 година со намера да колекционира современи дела од уметници од Источна и Југоисточна Европа, кои даваат приказ на состојбите, социјалните и политичките промени по падот на Железната завеса. Колекцијата се состои од дела кои се разновидни во медиумот во кој се работени, почнувајќи од цртеж до дигитални инсталации.

„Намерата на изложбата е преку поврзување на естетиката и политиката да предложи нов наратив за регионот и да го редефинира начинот на перцепција на некогашните ситуации во нови прилики, кои поставуваат нов контра-распоред во културата“, велат Гаќина и Попова.

Ќе бидат изложени дела од уметничкиот колектив Словени и Татари; Дан Пержовски, Хортенсија Ми Кафчин и Ципријан Мурешан од Романија; Ева Котаткова, Чешка; Петрит Халилај и Флака Халити од Косово; Агњешка Полска, од Полска; Младен Стилиновиќ, Србијa; Јасмина Цибиќ, Словенија; Даница Дакиќ и Шејла Камериќ од Босна и Херцеговина; Игор Грубиќ, Сања Ивековиќ, Марко Тадиќ и Владо Мартек од Хрватска; Лучезар Бојаџиев, Недко Солаков, Мартина Вачева и Правдољуб Иванов од Бугарија; уметничко дуо „Мала Варшава“ од Унгарија; Алевтина Какиџе и Володимир Кузнецов, Украина; Нилбар Гуреш и Бенгу Карадуман од Турција.

Меѓу современите автори, во колекцијата на Дојче Телеком, се дела и од двајца исклучителни македонски уметници Јане Чаловски и Христина Иваноска, чии дела ќе бидат вклучени во изложбата на МСУ.

По самостојна изложба на Јане Чаловски, во 2010 година, во галеријата „Жак Браницка“ во Берлин, насловена како „Опсесивно опкружување“, дел од неговата инсталацијата уште тогаш е откупена и станала дел од колекцијата на Дојче Телеком.

Изложбата ќе биде отворена до 21 ноември 2021 година. Отворањето ќе се одржи според пропишаните актуелни владини мерки во услови на пандемија што подразбира приложување на сертификат за вакцина.