Утрешните лидери и лидерки се градат денес, тие се во училиштата – панел дискусија за средношколско организирање

Панел дискусија за средношколско организирање / фото: Мета.мк

Подигањето на јавната свест за потребата од средношколско организирање, кое ќе биде ефикасно и функционално, но истовремено избрано во целосно демократска процедура, беше во фокусот на панел дискусијата „Какви новини се потребни во средношколското организирање“ која попладнево во „Europe House Skopje“ ја одржаа Сојузот на средношколци (ССРСМ) и Инситутот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП).

Панел дискусијата е само почеток на заедничката иницијатива на Сојузот и ИДУЕП, која, како што велат организаторите, има за цел изнаоѓање на најдобриот модел за реформи и подобрување на моменталниот начин на средношколско организирање во училиштата, но и на национално ниво. Со неа треба да се промовира концептот на училишна демократија и што таа треба да значи за учениците, но и за сите во државата.

На панел дискусијата беше посочено дека ситуацијата со средношколското организирање е различна во секое училиште, а тоа е резултат на недостатокот на законска рамка.

„Се обидуваме после години и години апатија да го вратиме гласот на средношколците“, вели Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија.

Тој појаснува дека откако во 2017 година бил формиран Сојузот на национално ниво, сега се прават напори истото да се воведе и на најниските нивоа – на ниво на клас и училиште.

„Сегашната ситуација е навистина поразителна бидејќи претседателот на училиштето го избираат само претседателите на класовите. Тоа значи дека од 1.200 ученици во едно училиште, што реално ги има, претседателот на сите тие ученици го избира само мала група од триесетина луѓе. Тоа не е демократски, тоа не е демократија“, вели Павиќевиќ.

Средношколскиот лидер потенцира дека во пракса се познати и проблеми каде што професорите кажуваат кој треба да биде претседател на класот или на училиштето, па дури и самите тие го прават изброт или го водат состанокот на учениците.

„Училиштата пред сè ги нарекуваме „фабрики за вистинскиот живот“ и тие треба да ги подготвуваат учениците за нивниот живот откако ќе го напуштат училиштето. Сметаме дека Македонија е демократско општество, и како такво, училиштата треба да ги учат учениците за демократија. А за да можат учениците тоа да го научат, има ли нешто подобро од тоа да практикуваат своја, школска, автентична демократија“, вели Павиќевиќ.

Преку слоганот „Лидерк(ка) на училиште, лидер(ка) во иднината“ иницијативата има за цел да покаже дека младите се важни и круцијални за државата и таа треба да има слух за нив, истакна Јовица Јанковиќ, претставник на ИДУЕП.

„Со нивните свежи, прогресивни и нови идеи, младите ќе придонесат кон утрешното функционирање на државата. Поради тоа ИДУЕП и Сојузот на средношколци го организираат овој настан за да се поттикне дискусија и разговор за тоа дека утрешните лидери и лидерки се градат денеска и моментално се наоѓаат во училиштата ширум државата. Со тоа ние сакаме да ги поттикнеме младите, да им помогнеме, за утре тие кога ќе бидат лидери или лидерки, да создадат една просперитетна држава во која сите ќе бидеме еднакви, младите ќе имаат вистински услови и притоа ќе живееме во едно егалитарно и еднакво општество кон кое што ние веќе целиме повеќе од три децении“, истакна Јанковиќ.

Панелисти на дебатата за средношколското организирање беа и Ана Попризова, училишен психолог во СУГС „Орце Николов“, Елена Данова, младинска работничка во „Еквалис“ и Иван Јованов, извршен директор на граѓанската организација „LEAD“.

На панел дискусијата беше посочено дека голем дел од средношколците не се заинтересирани за учество во општествениот или политичкиот живот и никогаш не дискутираат за вакви настани за време на часовите во училиште.