Утре започнува „Вело Струмица“, меѓународниот фестивал за љубителите на велосипедизмот

Во рамки на фестивалската програма, покрај серијата активности посветени на сообраќајната и велосипедската култура како начин на живеење, официјално ќе биде пуштено во употреба и велосипедско-рекреативното игралиште „Pump Track“

фото: Општина Струмица

По повод Светскиот ден на велосипедот, 3 јуни, оваа година по втор пат ќе се одржи Меѓународниот фестивал за љубителите на велосипедизмот, „Вело Струмица“.

Фестивалот ќе се започне утре, на 1 јуни, а ќе трае до 3 јуни. Во рамки на фестивалската програма, покрај серијата активности посветени на сообраќајната и велосипедската култура како начин на живеење, официјално ќе биде пуштено во употреба и велосипедско-рекреативното игралиште „Pump Track“.

Станува збор за проект финансиран од Европската Унија и општина Струмица, а се однесува на дополнување на понудата на велосипедски содржини со цел стимулирање и поттикнување на употреба на велосипедот како здрав, еколошки и економичен начин на мобилност.

„Визијата за трансформација на Струмица во велосипедски град и редовната употреба на велосипедот како примарно средство за движење на различни генерации прераснува во реалност и секојдневие. Со досега реализираната велосипедската инфраструктура, како и преку развој на рекреативните велосипедски содржини, континуирано вложуваме во прогрес кон „паметен вело град“. Продолжуваме понатаму со активности наменети за збогатување на можностите и понудата за активните велосипедисти, но и за оние за кои велосипедот е средство за рекреација. Предвидена е изградба на планински велосипедски патеки, како и развој на велосипедска инфраструктура која има за цел поврзување на населените места со градот“, изјави градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов.

Целокупните активности во насока на поттикнување на велосипедизмот се дополнување на „Струмица – Паметен Вело Град“, во чии рамки во изминатата година беа изградени и обележани градски велосипедски патеки, информираа од општината.