Утре започнува шестото издание на КРИК-фестивалот за критичка култура

Со филмската проекција на Artists Under the Big Top: Perplexed и дискусија, утре вечер во Музејот на современа уметност започнува шестото издание на КРИК-фестивалот за критичка култура, која годинава се одржува под насловот „Јазол – привремено постоење, анксиозност и загубена иднина“.

„Шестото издание на КРИК – фестивал за критичка култура навлегува во втората пандемиска година. И токму она што го живееме низ овие две години, како никогаш претходно не го засилило аргументот за потреба од јасна, бистра критичка аргументација кон целокупните социо-културни динамики во кои се обидуваме да ги дефинираме концептите за заедницата која исчезнува и се претвора во сенка. Годинава КРИК 06, во текот на септември, но и понатаму, со својата програма ќе се обиде да рефлектира на повеќе теми кои нѐ засегаат и едновремено нѐ ставаат во јазолот на политичкиот и културниот контекст“, наведува организаторот на фестивалот.

На 1 септември е предвидено да се одржи хибридно предавање на Катрин Малабу насловено „Жена, женско, трансфеминизам: алтернативи или дилеми?“, кое ќе биде проследено со дискусија модерирана од Петар Милат и Славчо Димитров.

Еден ден подоцна, на 2 септември ќе се одржи промоција на книгата на Еспи Томичиќ „Your Love is King“, заедно со разговор со Петар Милат, додека извадоци од текстот ќе изведе Тамара Ристоска. Оваа вечер ќе се одржи и DJ сет на AKA TESAUR.

КРИК 06 продолжува на 11 септември, со изведба на претставата на Интимен театар од Битола – „Леонис и Лена“, во режија на Софија Ристеска.

За 21 септември, во Музејот на современа уметност е закажно хибридното предавање на Петар Халвалд насловено „Заедничката кауза: Предизвикот на масовниот суверенитет“, во разговор со дискусија модерирана од Артан Садику.

Еден ден подоцна, на 22 септември во КСП Центар-Јадро ќе се одржи интерактивната изложба “Übungsraum für Kritik” / „Вежбална за критика“, во соработка со Гете Институтот.

Михаел Хајнрих на 23 септември во Музејот на современа уметност ќе го одржи предавањето „Како да се чита “Капитал“ на Маркс? Вредноста и фетишизмот“, додека последниот настан од КРИК 06 е закажан за 25 септември, кога ќе се одржи премиерна промоција на филмот „Пјезажи на отпорот“ во режија на Марта Попивода.