Утре со онлајн и претстави во живо започнува МОТ 2020

Постер за МОТ фестивалот 2020 / Фото: Фејсбук настан на фестивалот

Утре во 19 часот во Универзална сала со премиерата „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“ копродукција на МОТ и Факултет за работи што не се учат, започнува 45. издание на Млад отворен театар. Под мотото „Ќе има и утре“ годинава за првпат ќе биде реализирано хибридно издание на MOT со претстави во живо и фестивалски онлајн претставувања.

„Сработивме многу годинава и нема да дозволиме да извиси МОТ. Не ја даваме живата уметност, не го даваме театарот и оптимистично го отвораме и затвораме фестивалот со претстави во живо, бидејќи ќе има и утре, другари! Заради целава ситуација во која се наоѓаме, го задржуваме правото на измени во распоредот, затоа ве молиме да нѐ следите“ велат од МОТ.

На МОТ ќе бидат претставени 12 продукции во домашна продукција, како и театарските куќи од Словенија, Србија, Грција и Хрватска.

Билетите се строго ограничени и достапни само преку bileti.mkc.mk. Oнлајн претставите се бесплатни, со задолжително “подигнување” на билети, а билетите за претставите кои се играат во живо изнесуваат 300 денари.

Фестивалот ќе биде реализиран со строго почитување на Протоколот за организација на настани (прилог бр. 33), кој беше усвоен на 73. Седница на Владата на РСМ, на сите фестивалски локации.

Целосната програма која ќе трае до 3 декември, може да се погледне на следниов линк.