Фото: Арбнора Мемети

Утре попладне поголем дел од северниот дел на Скопје и просторот околу Судска палата ќе биде блокиран поради протест против изречените казни за обвинетите во случајот „Монструм“.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР), според најавата на организаторите, протестот ќе почне во 13 во паркот Чаир на бул. „Христијан Тодоровски Карпош“ близу Фудбалскиот стадион, а ќе продолжи кон Основен суд Скопје 1 на бул. „Гоце Делчев“, потоа Собрание на Република Северна Македонија и кон Владата“. Поради тоа, затворени за сообраќај од 13 часот до завршување на протестот, ќе бидат следните улици:

  • ул. „Х.Т.Карпош“;
  • ул. „Џон Кенеди“;
  • ул. „Цветан Димов“;
  • бул. „Крсте Мисирков“;
  • бул. „Гоце Делчев“;
  • ул. „11-ти Октомври“;
  • ул. „Васил Главинов“;
  • бул. „ВМРО“;
  • бул. „Илинден“ и други околни сообраќајници.

СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.

Случајот „Монструм“ се однесува на масовното убиство кај Смилковско Езеро, близу Железара, на Велигден во април 2012 година, кога беа убиени четири млади момчиња од Радишани и возрасен маж од с. Црешево.

Пред два дена Судот ги прогласи за виновни обвинетите Халил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ за сторено кривично дело тероризам од член 394б став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик, и ги осуди на казна доживотен затвор.