Утре промоција на новата претстава „Заробениот ветер“ на театарот Сенки и облаци

Театарот Сенки и облаци утре (16 октомври) во 19 часот ќе ја одржи премиерата на новата претстава насловена „Заробениот ветер”, информираат од овој театарски ансамбл.

„Во нов театарски формат – кутија и интимна атмосфера од само четворица во публиката, ова седумминутно доживување ја разгледува темата на загадувањето на природата низ призмата на една птица“, велат од театарот.

Претставата е плод на истражувачкиот процес со Artolis од Косово, а во рамките на проектот Culture box, кој e дел од иницијативата READ (Regional Network for Cultural Diversity) во локална имплементација на Гете институт и Lоја.

Премиерата на новата театарска претстава ќе се одвива во независниот уметнички простор на театар Сенки и облаци во Дебар маало, каде претставата ќе биде неколкукратно изведена, а во согласност со пропишаните протоколи за настани од јавен карактер.

Претставата „Заробениот ветер“ е наменета за сите мали и големи деца кои се љубопитни да ѕирнат во кутијата со сенки, а влезот е бесплатен.

Веќе во вторник, 19 октомври „Заробениот ветер“ ќе го има своето гостување во основното училиште „Џемаил Мустафа“ во Приштина, Косово, по што претстојат изведби на матичната сцена во Скопје, но и на други културни манифестации ширум државата.