Утре (15 јули), поради реконструкција и проширување на улицата Маџари, од крстосницата со улица Јужноморавски бригади и улицата Антон Попов (по старо Методија Андонов Ченто) до крстосницата со улица Финска, ќе биде воведен привремен режим на движење, односно пренасочување на возилата и на автобусите од јавниот градски превоз, соопштуваат од Град Скопје.

„Автобусите што ја опслужуваат автобуската линија број 65В, наместо по својата траса, улица Маџари, продолжуваат по улицата Антон Попов, се пренасочуваат по улица Финска, па продолжуваат по својата траса. Автобусите на автобуската линија број 23 се движат по улица Маџари, се пренасочуваат по улица Финска и продолжуваат по улица Антон Попов по својата траса. Истите траси ќе се користат и во обратна насока“, информираат од Град Скопје.

Од Градот додаваат дека при измена на трасите ќе се користат постоејните автобуски стојалишта и ги известуваат сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на привремено поставениот режим на сообраќај и брзината на возење да ја прилагодат на условите на патот.