Утре и задутре Саем на образование во „Сити мол“

Фото: Mета.мк

Утре и задутре во „Сити Мол“ ќе се одржува Саем на образование, настан на кој матурантите и студентите ќе можат да се информираат за своите академски и кариерни можности. Настанот го организира „Скопје Сити Мол“ и „Студентарија“ – најголемата дигитална студентска платформа и заедница во Македонија.

На Саемот ќе учествуваат државни и приватни универзитети со над 90 факултети, академии за дигитални вештини и продажба, но и компании и организации за млади. Учесниците преку презентации, интерактивни работилници, панел-дискусии и експериментални шоуа ќе ги доближат до младите најновите едукативни и професионални можности.

Посетителите ќе можат да добијат информации за стипендии, академски програми, уписни рокови, студентски поволности, како и совети за градење успешна кариера. Во рамки на настанот ќе има презентации на универзитети и академии, кариерно советување, работилница за ментално здравје со психолог, презентација на можности за стипендии и Еразмус+ програми, панел-дискусии со експерти на академски и кариерни теми, вмрежување со претставници од образовниот и од бизнис-секторот.

Дел од саемот ќе биде и Родителското катче, кое има цел да им обезбеди на родителите и на старателите значајни информации, стратегии и поддршка за тоа како да им помогнат на сопствените деца полесно да ја поминат оваа клучна фаза од своите животи.