fbpx

Усвоена преговарачката структура за пристап во ЕУ, земјава има за цел членство до 2030 година

-

Владата на Република Северна Македонија денеска ја донесе одлуката за воспоставување на структура за преговори за пристапување на земјата во Европската Унија. Главен преговарач ќе биде вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, а преку ревидираниот координативен механизам за пристапни преговори, се очекува Северна Македонија да стане дел од Унијата најдоцна до крајот на деценијата.

Со одржувањето на првата Меѓувладина конференција направивме историски чекор во стратешка смисла, ја повторивме нашата заложба за полноправно членство во Унијата и со тоа ги потврдивме европските вредности за кои се залагаме. Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со Маричиќ поврзана со усвоената преговарачка структура.

Ковачевски истакна дека преговарачката структура ќе биде поддржана од експерти – државни службеници, но и од стручни лица надвор од институциите и од државата кои имаат искуство со водење преговори и пристапување на други земји во ЕУ.

„Особено сум горд што дојдовме до моментот кога почнуваме да зборуваме за техничките елементи врзани со преговорите со ЕУ. На 19 јули, кога ги отпочнавме преговорите, свртевме нова страница во македонската историја. Покажавме дека знаеме да се однесуваме државнички и храбро да носиме државнички одлуки, бидејќи така се трасира патот за понатамошен развој и на економски и на општествен план“, истакна Ковачевски на прес-конференцијата.

Ковачевски информираше дека, согласно одлуката на Владата, вицепремиерот Маричиќ ќе биде главниот преговарач и дека според него, преговорите треба да се одвиваат со забрзана динамика и да се затворат што е можно побрзо.

„Сакам да ве уверам дека ова ќе биде инклузивен и транспарентен процес во кој обезбедуваме механизми за вклучување и на граѓанскиот сектор, бизнис заедницата, академската заедница и сите останати засегнати страни и во оваа насока, апелирам до сите, вклучително и опозицијата да го поддржи овој процес и да се вклучи во него активно. За овој процес да се затвори што поскоро, потребна е целосна мобилизација на сите ресурси со кои располага државата, бидејќи ова е прашање по кое треба да има обединување за да има развој и напредок“, рече премиерот.

Ковачевски информираше дека во тек е преведувањето на европското законодавство на македонски јазик и повтори дека иднината на земјата е во ЕУ, за што нема алтернатива.

„Завршување на преговорите до 2030 е целта која си ја поставуваме. Таа е реална и достижна, и јас сум силно убеден дека во следното проширување на Унијата ќе биде и Северна Македонија. Ќе работиме посветено за нашата земја да биде еднаква со сите други земји-членки, да учествува во креирањето на политиките на Европската Унија, секако со заштита на нашите државни интереси“, истакна Ковачевски.

Маричиќ на прес-конференцијата истакна дека Владата донела сет одлуки со кои во 2019 година беше воспоставен координативен механизам за пристапни преговори, но било утврдено дека истиот треба да се промени, имајќи го предвид сменетиот процес на проширување од 2020 година и зголемениот број на новини во процесот.

Тој додаде дека со денешната одлука на Владата за ревизија на механизмот се одлучиле за нова структура која истиот ќе го направи пофункционален и поефикасен.

„Заради зголемена ефикасност на функцијата при водењето на преговорите, се воспоставува „главен преговарач“, функција која ќе ја извршам јас, како Заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања, а која ги спојува и политичките и техничките елементи од преговорите. За да се обезбеди хиерархиска и командна конзистентност ќе има позиција „Заменик на главниот преговарач“, функција која ја врши државниот секретар за европски прашања, кој воедно е и претседавач на Комитетот за стабилизација и асоцијација, г-ѓа Дрита Абдиу Халили“, информираше Маричиќ.

Маричиќ рече дека Секретаријатот за европски прашања ќе биде и депозитар на целокупната документација поврзана со пристапните преговори, но и дека дополнително ќе бидат дефинирани улогата во пристапните преговори на Собранието и начинот на информирање на Претседателот за целиот овој процес.

Вицепремиерот за европски прашања изјави дека свое место во преговорите ќе имаат и граѓанскиот сектор, како и бизнис заедницата. Тој оцени дека државата е целосно подготвена за почеток на скрининг процесот.

„Следува динамичен период за институциите и администрацијата, каде имаме за адресирање бројни аспекти во шест кластери, три области и 33 преговарачки поглавја“, рече Маричиќ на денешната прес-конференција.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...