Усвоена Младинска декларација за климатски промени на вчерашниот самит во МКЦ

Фото: Мета.мк

На Младинскиот самит за климатски промени што се одржа вчера во МКЦ во Скопје под водство на младите се усвои Младинска декларација за климатски промени, со која се бара носителите на одлуки да преземат конкретни мерки за климатските промени и да се создадат повеќе можности и простор за младите да влијаат на одлуките поврзани со климатските промени, информираат од УНИЦЕФ.

Младинскиот климатски самит, како иницијатива предводена од младите, беше поддржан од УНИЦЕФ заедно со италијанската, шведската и британската амбасада во Северна Македонија и се организира по глобалниот настан “Младите за климата – предводници на амбицијата“ што се одржа во Милано и пред 26-та Конференција на партиите на ОН за климатски промени (COP26) во Глазгов.

Настанот се надоврзува на иницијативата „Преосмисли ја иднината“ на Кабинетот на претседателот Пендаровски и УНИЦЕФ – иницијатива за младински консултации која им дава на децата и младите луѓе простор да се вклучат во дефинирање на посакуваната визија за својата иднина.

На Самитот, младите водеа две панел-дискусии со домашните и меѓународни претставници, каде што се вклучија во дијалог за глобалните, европските и националните политики за клима и енергија, а и за тоа како да учествуваат преку активизам, образование, претприемништво и иновации. Панелистите ги поттикнаа младите да преземат активна улога и ја потврдија својата поддршка за создавање простор каде ќе се слушне гласот на младите и ќе се обезбеди поддршка за климатски активности предводени од младите.

Инаку, Младинската декларација за климатски промени беше усвоена на крајот од Самитот и истата повикува на меѓугенерациска солидарност и примерно лидерство на сите институции. Таа опфаќа пет конкретни барања: креирање простор каде младите ќе ги предводат решенијата; носителите на одлуки да ги преиспитаат економските модели и да изнајдат начини за стимулирање на индустриите да работат одржливо; да промовираат поправка, повторна употреба и издржливи производи со подолг век на траење; да се децентрализира производството на енергија со фокус на енергетски задруги особено за соларна енергија; и да се воведе образование за климатски промени со учење преку искуство.

Оваа Декларација го претставува гласот на илјадници млади од земјата затоа што доаѓа како резултат на нивното вклучување во претходните консултативни иницијативи како што се Youth meaningful participation for climate action and NDC ambition”, Да ја преосмислиме иднината “Reimagine the Future” и “U-report”.