Фото: Арбнора Мемети

Владата на денешната седница го усвои Планот за борба против корупцијата, за чија реализација на денешната прес-конференција детално говореа премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Љупчо Николовски. Антикорупцискиот план содржи серија на мерки и активности, за чија подготовка биле организирани консултации со Транспаренси Интернешнл, Државната комисија за спречување на корупцијата и други институции и невладини организации.

Меѓу една од најважните мерки што ја спомена премиерот Зоран Заев е дигитализацијата на трите книги што ги води Управата за водење на матичните книги. За вадење на документите од оваа управа, граѓаните ќе можат електронски да аплицираат и да ги добијат овие документи, а наскоро ќе се укине процедурата за вадење на различни документи и изводи. Во функција ќе се стави Централниот регистар на население, со што ќе се бара само еден извод од овој регистар којшто ќе биде единствен документ за граѓаните.

Наместо доставување на фотокопии од лични карти или изводи од матични книги, институциите преку Централниот регистар на население ќе можат да ги проверат оние податоци што им се потребни за граѓаните, изјави вицепремиерот Љупчо Николовски.

Инаку, преку неколку истражувачки стории подготвени во рамки на проектот Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА, ко-финансиран од Европската Унија и спроведуван од Фондацијата Метаморфозис во изминатиов период пишувавме за овој горлив проблем. Преку истражувачка сторија, минатиот месец пишувавме за патот на двајца млади лица за добивање на извод од венчани. Во ноември минатата година, објавивме и серијал во четири продолженија во кој пишувавме за тешкотијата граѓаните да добијат документи со само едно кликнување на Интернет, вклучувајќи ја и Управата за водење на матичните книги.

Премиерот Зоран Заев изјави дека со владиниот План за борба против корупцијата ќе се спроведе екипирање и дигитализација на Јавното обвинителство и истражните центри во рамките на 23 основни јавни обвинителства низ земјава. Во рок од 30 дена, Министерството за правда треба да направи анализа на потребните кадри, опрема и техника на истражните центри и на капацитетите на основните обвинителства.

Воедно, ќе се воспостави електронски систем за инспекција „Е-инспектор“, а со подготовката на овој софтвер ќе се поврзат сите инспекциски служби. Со овој софтвер, ќе се овозможи електронска распределба на предметите и електронско генерирање на инспекциските документи.

Премиерот Зоран Заев изјави дека Антикорупцискиот план има за цел да спречи корупција на актуелната власт, но и да ги открива и демонтира коруптивните елементи на претходната режимска власт.

Вицепремиерот Николовски, меѓу останатите мерки и активности што се наведени во Планот, го спомена задолжителното поврзување на седумте антикорупциски институции на националната платформа за интероперабилност, со цел навремена размена на податоци по електронски пат. Тој спомена дека ќе се создаде централна база за издавање на лиценци и дозволи, како и формирање на Регистар на службени возила и Регистар за доделување на државна помош на национално ниво.

Надвор од сферата на дигитализацијата, вицепремиерот Николовски спомена дека Антикорупцискиот план има и мерка за ограничување на бројот на членови на управните одбори на институциите на максимум пет члена, при што квалификациите на кандидатите мора да одговараат на дејноста на институциите. Во насока на допрецизирање на судирот на интереси, ќе се извршат измени на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси.

Љупчо Николовски на прес-конференцијата спомена дека веќе се обезбедени нови простории на Државната комисија за спречување на корупцијата, како и повисок буџет за антикорупционерите и обезбедување на 49 милиони денари за обезбедување на регистар и за поврзување со останатите институции од кои треба да се црпат релевантните документи. Вицепремиерот најави актуелизација и примена на конфискацијата на имот во борбата против корупцијата во наредниот период.