Усвоен најновиот Квартален извештај со есенските макроекономски проекции на Народната банка

Во согласност со закрепнувањето на светската економија и странската побарувачка, и натаму се очекува постепено забрзување на растот и на македонската економија

-

Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и макроекономските проекции на Народната банка. По усвојувањето на Извештајот, гувернерката ги претстави макроекономските проекции пред јавноста, на конференцијата за печатот.

Макроекономската слика за македонската економија во овој циклус проекции не е значително променета во споредба со априлските проекции.

Во согласност со закрепнувањето на светската економија и странската побарувачка, и натаму се очекува постепено забрзување на растот и на македонската економија.

Сепак, најновите проекции упатуваат на малку послаб раст на домашната економија за оваа и за следната година, во споредба со априлските согледувања, а на среден рок оцените за растот се непроменети. Така, за оваа година економскиот раст е проектиран на 2,3%, а за наредната на 3,3%. На среден рок, во периодот 2026 ‒ 2027 година, се очекува натамошно забрзување на растот, во согласност со очекувањата за поповолен надворешен амбиент и засилени инвестициски активности поврзани со подолгорочниот карактер на јавниот инфраструктурен циклус. Ризиците за растот и натаму се нагласени и претежно надолни.

Во периодот на проекциите се очекува натамошно забавување на инфлацијата. Најновите оцени го потврдуваат априлското согледување за просечна стапка на инфлација од 3,5% во 2024 година, иако во последниот квартал се очекуваат одредени нагорни поместувања пред сѐ како резултат на споредбената основа.

За следната година се очекува стапка на инфлација од 2,5%, што е мала нагорна ревизија во однос на април, при оцени за поголема инерција кај дел од ценовните категории.

На среден рок (2026 ‒ 2027) се очекува стабилизирање на нивото на околу 2%, при очекувано исцрпување на ефектите од надворешните ценовни шокови, закотвени инфлациски очекувања и отсуство на позначителни притисоци преку каналот на домашната побарувачка. Како ризици и натаму се сметаат цените на примарните производи, коишто се под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските фактори, како и домашните политики со кои се влијае врз агрегатната побарувачка во домашната економија.

И натаму се очекува поволна и претежно стабилна надворешна позиција на економијата на среден рок. По суфицитот остварен во претходната година (0,4%), оваа година се проценува умерен дефицит во тековната сметка од 2,1% од БДП, при стабилизирање на салдото во размената со стоки и услуги, како и нормализација на приватните трансфери, по високите нивоа достигнати во 2023 година.

За преостанатиот период на проекцијата, 2025 ‒ 2027 година, е проектиран дефицит на тековните трансакции во просек од 2,2% од БДП. Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи во финансиската сметка, поддржани од директните инвестиции и задолжувањето на државата, со што девизните резерви и натаму ќе растат и ќе се задржат на ниво коешто е соодветно за задржување на стабилноста на домашната валута.

Банкарскиот систем и натаму ќе обезбедува солидна кредитна поддршка. До крајот на 2024 година, се очекува дека кредитниот раст ќе биде стабилен и ќе изнесува 7,5%. Се очекува раст и на среден рок, но малку поумерен и со просечна стапка од 7,2% за периодот 2025 ‒ 2027 година, во услови на солидна капитална и ликвидносна позиција на банките. Кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, како главен извор на финансирање. На крајот на 2024 година, се очекува солиден годишен раст на депозитите од 7,9%, а на среден рок за периодот од 2025 до 2027 година од околу 7,7%, во просек.

Во услови на значително забавување на домашната инфлација и поволен девизен пазар, но кога сѐ уште постојат ризици, Народната банка започна со претпазливо нормализирање на монетарната политика. Народната банка внимателно, на дневна основа, ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците коишто сѐ уште постојат и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради задржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност.

 

Претставата „Види, летам!“ в четврток во чест на 30-годишнината на Претставништвото на УНХЦР во земјава

На Академската сцена на Факултетот за драмски уметности во Скопје во четврток (5 декември) со почеток во 20 часот ќе биде изведена претставата „Види, летам!“, во чест на 30-годишнината од отворањето...

Весна Дамева поднесе оставка од функцијата претседател на Судскиот совет, обвини за притисоци од власта

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, денеска соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата, како што рече, за да го зачува својот личен интегритет. Таа ги обвини премиерот Христијан Мицкоски и...

За справување со пожарите и поплавите итно ни треба Национален план за адаптација

Македонија, како држава која нема финансиски средства да се справи со поплавите и пожарите, мора итно да изработи Национален план за адаптација кој ќе помогне да се организираат и координираат мерки...

Линеарното покачување на пензиите бара повисоки даноци и работен век до 67 години и за мажи и за жени

Линеарното покачување на пензиите од 5.000 денари, 2.500 денари во октомври и уште 2.500 денари во март в година, на долг рок ќе ја наруши одржливоста на Фондот за пензиско и...

Претставата „Види, летам!“ в четврток во чест на 30-годишнината на Претставништвото на УНХЦР во земјава

На Академската сцена на Факултетот за драмски уметности во Скопје во четврток (5 декември) со почеток во 20 часот ќе биде изведена претставата „Види, летам!“, во чест на 30-годишнината...