Македонија Уставниот суд поведе постапка за „мета податоците“ кај операторите: Државата се меша...

Уставниот суд поведе постапка за „мета податоците“ кај операторите: Државата се меша во приватноста на граѓаните

Уставниот суд му определи на Собранието на Република Северна Македонија рок од шест месеци за измена и/или дополнување на Законот за електронските комуникации

Фото: Photo by Chris Liverani on Unsplash

Уставниот суд поведе постапка за три члена од Законот за електронски комуникации кои опфаќаат задржување на „мета податоци” кај операторите. Судот на седницата одржана пред два дена, изразил сомнеж дека постојното законско решение овозможува обемно и масовно вмешување од страна на државата во приватниот живот на граѓаните.

Ова, како што објаснуваат од Уставниот суд е со оглед на тоа што задржувањето на податоците е неселективно и се однесува на целиот телефонски и интернет сообраќај на секој претплатник, односно корисник на фиксна, мобилна телефонија и интернет и се однесува на период од 12 месеци, колку што е законски утврдениот рок за задржување на податоци со исклучок на оние до кои што било пристапено и биле зачувани.

„Исклучокот значи дека не постои временско ограничување за чување кај операторот на овие податоци до кои што било пристапено и биле зачувани, па оттука тие можат да се чуваат неограничено, без да бидат уништени. Оттука, за Уставниот суд е неспорно дека задржувањето на податоците за телекомуникацискиот сообраќај претставува навлегување во приватниот живот на поединците“, велат од Уставниот суд.

Судот оценува дека оспорените одредби од членовите 176, 177 и 178 од Законот навлегуваат во правото на почитување на приватниот живот, непровредливоста на комуникациите и правото на заштита на сигурноста и тајноста на личните податоци кои се гарантирани со Уставот.

Мета-податоците откриваат меѓу кои лица е воспоставена комуникацијата, формата на комуникацијата (мобилна, фиксна телефонија, интернет, електронска пошта итн), точното време и место на комуникацијата, уредите меѓу кои е воспоставена комуникацијата, кои места сме ги посетувале, кога и од која локација сме се поврзале на интернет, кои веб страници ги пребаруваме, кои социјални мрежи ги користиме и др. Со оглед дека станува збор за податоци (податоци за повикувачките и повикуваните телефонски броеви, името и адресата на претплатникот односно корисникот), со нив лесно може да се идентификува лицето, односно лицата помеѓу кои е воспоставена комуникацијата, а со нивна анализа да се дојде до мошне прецизни заклучоци за приватниот живот на лицата вклучително местото на живеење, дневни активности и навики, податоци за нивното движење, кругот на лица со кои се остваруваат контакти и сл., се додава во соопштението на Уставниот суд.

Инаку, мета-податоците не ја откриваат содржината на комуникацијата,  прислушкување на телефонски разговори или читање на туѓи мејлови.

„Уставниот суд оцени дека оспорените членови од Законот не го исполнуваат критериумот за јасност и прецизност на правните норми од сферата на следењето на комуникациите и укажа дека е потребно овие законски одредби за задржување на податоците да бидат јасни и прецизни за да не оставаат простор за интерпретација во нивната примена, особено во делот на пристапот кон задржаните податоци“, додаваат од Уставниот суд.

Суд оценил дека во оспорените одредби од Законот недостасува „квалификативот на неопходност“ со кој би се обезбедило ограничувањето на слободата на комуникациите да се врши само кога тоа е навистина потребно заради остварување на уставно дозволените цели – откривање на кривични дела и заштита на безбедноста на државата, односно кога не постојат други методи и средства кои се помалку инвазивни по однос на приватноста на засегнатите лица.

„Судот оцени дека освен природата и тежината на кривичните дела за кои може да се пристапи кон задржаните податоци за да се обезбеди условот на неопходност, потребно е законските одредби на јасен начин да го ограничат пристапот само за оние лица за кои постојат фактички индикации дека планираат или извршиле сериозни кривични дела“, се вели во соопштението на Уставниот суд.

Таму се додава дека законската рамка за мета-податоците мора да предвиди прецизни рокови за чување на задржаните податоци до кои е пристапено по истекот на кој операторите ќе бидат должни истите да ги избришат. Понатаму, неспорна е потребата од предвидување на обврска за бришење на податоците во случај кога ќе се утврди дека задржаните податоци не се од значење за целите поради кои кон нив се пристапило.

Уставниот суд му определи на Собранието на Република Северна Македонија рок од шест месеци за измена и/или дополнување на Законот за електронските комуникации.