fbpx

Уставниот суд најави поништување и на гевгелискиот референдум против рудниците

-

Уставниот суд на седницата одржана на 31 октомври донесе одлука за поведување на постапка за поништување на одлуката на Советот на општина Гевгелија за распишување на референдум за рудниците на Кожуф, информираат за „Мета“ од Уставниот суд, појаснувајќи дека одлуката допрва треба да биде објавена на официјалната веб-страница на Судот.

Оттаму напоменуваат дека во најскоро време ќе се одлучува по овој предмет и, судејќи според искуството со претходни предмети кои се однесуваат на одлуки на локалната самоуправа за отворање на рудници на нивна територија, и оваа одлука ќе биде поништена.

„Постапката е поведена на барање на подносителот ДПТС „Резервоар минералс Македонија“ ДООЕЛ Скопје кој доставил иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум на локално ниво, донесена од Советот на општина Гевгелија“, вели портпаролката на Уставниот суд, Оливера Филиповска.

Образложението на иницијативата на „Резервоар минералс“ меѓу другото е дека, „минералните суровини како природно богатство претставуваат добра од општ интерес на републиката, без оглед на сопственоста на земјиштето, за нив одлучуваат органите на државната власт, а не органите на локалната самоуправа“.

На референдумот во Гевгелија, кој беше одржан на 23 април 2017 година мнозинството граѓани на Гевгелија се изјаснија против отворање на рудници на територија на општината, по што Советот на општина Гевгелија даде негативно мислење на барањето на „Резервоар минералс“  за продолжување на коцесионерскиот договор за истражување на металични минерални суровини на Кожуф.

„Резервоар минералс“, имаше концесија за детални геолошки истражувања на локалитетот Конско, но по референдумот тогашната Влада не им го продолжи концесискиот договор.

Уставниот суд, со истото образложение на 2 мај ја поништи и одлуката за распишување на референдум на Општина Валандово против рудникот Казандол.

Тогаш од Уставниот суд образложија дека одлуките за референдум се неуставни и незаконити, бидејќи прашањето на концесии не е од локално значење за да може локалната самоуправа да распишува референдум.

Министерот за економија, Крешник Бектеши во август годинава писмено ги информираше градоначалниците од општините во Југоисточна Македонија, каде се планира отворање на десетина нови рудници на метали дека „во законот за минерални суровини како и во законот за концесии и јавно приватно партнерство нема основ за едностран раскин на договорот за концесија од страна на концедентот односно Владата поради реализиран референдум или пак граѓанска иницијатива против започнувањето со експлоатација на веќе доделени концесии за експлоатација на минерални суровини“.

„Уставниот суд се стави на страна на оние кои планираат од Македонија да направат пустелија, да направат геноцид на над 500.000 граѓани“, обвинува активистот на „Спас за Гевгелија“, Ангел Наков.

За утре од 11.30 до 13 часот е планирана прва од најавените блокади на приодните патишта кон и од Струмица, во организација на еколошките здруженија од струмичкиот крај, кои се борат против отворање на рудникот за бакар и злато Иловица.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Од четврток ќе сообраќаат автобуските линии „100“ и „200“ за полесен пристап до Саемот на книгата

Од четврток, во редовниот линиски превоз на ЈСП Скопје ќе бидат вклучени линиите „100“ и „200“ со кои ќе се овозможи полесен пристап на посетителите до Меѓународниот саем на...