Уставниот суд денеска поведе постапка за оценување на уставноста на дел од член 37 став 1 од Законот за заштита на децата, кој се однесува на условот детето да биде „родено на територијата на Република Северна Македонија“.
Станува збор за одредба со која, според Судот, основано се поставува прашањето дали се прави нееднаква разлика меѓу деца чии родители се државјани на Северна Македонија, во зависност од тоа дали детето е родено во државата или во странство.
Од Уставниот суд посочуваат дека во оваа фаза од постапката клучно е начелото на еднаквост, гарантирано со член 9 од Уставот. Според Судот, дете чии родители се државјани на Македонија стекнува државјанство по потекло и по таа основа треба да ги ужива истите права како и сите други граѓани.
Судот оценил дека местото на раѓање не може да биде основ за ограничување на право кое му припаѓа на детето по друг основ, односно по потекло. Оттаму, се изразува сомнеж дека со оспорената одредба законодавецот без легитимно и разумно оправдување ги става во понеповолна положба децата родени надвор од државата, иако нивните родители се македонски државјани.
Во образложението, Судот наведува дека ваквото законско решение може да го повреди уставното начело на еднаквост, но и индиректно да навлезе во слободата на движење на граѓаните.
Уставниот суд при одлучувањето ја имал предвид и можноста раѓањето во странство да биде резултат на непланирани или предвремени околности, без намера за трајно иселување. Како пример се наведува дека секоја бремена жена има право слободно да патува, согласно својата здравствена состојба, а самото раѓање надвор од земјата не смее да биде критериум за нееднаков третман на децата на македонски државјани.
Постапката се однесува на Законот за заштита на децата, кој повеќепати бил изменуван и дополнуван од 2013 година до 2025 година.
Во врска со предметот У.бр. 93/2025, Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на член 1 и член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 75/2025.
