Фото: Арбнора Мемети

Уставниот суд на вчерашната одржана седница ја укина одлуката за забрана за градење во Општина Центар. Со ваквата одлука, се враќаат на сила досегашните детални урбанистички планови (ДУП), по кои ќе може да се гради во оваа скопска општина.

„Уставниот суд ја укина Одлуката за начинот на применување на деталните урбанистички планови, бр.08-1859/2 од 27.03.2019 година, донесен од Советот на Општина Центар и го стави вон сила Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на актот, означен во точката 1 од оваа одлука“, се наведува во соопштението на Уставниот суд.

Општина Центар првата одлука за мораториум за градење ја донесе на 27 декември 2017 година, по што во неколку наврати општинскиот совет ја продолжуваше одлуката за забрана за градење. Во изминативе 3 години и 3 месеци, општинарите успеаја да донесат само 8 нови детални урбанистички планови од вкупно 31 ДУП-ови што беа опфатени со мораториумот за градење.

Инаку, Уставниот суд во декември минатата година ја донесе времената мерка за укинување на мораториумот за градење, по што од Општина Центар излегоа со информација дека тие ќе продолжат со ревидирање на преостанатите ДУП-ови и посочија дека имаат други начини како да го спречат непланското градење во центарот на Скопје.