Опозициските политички партии денеска ја осудија одлуката на Уставниот суд со која на претедателот на државата му се овозможува да помилува и да аболира лица гонети за изборен криминал, педофили и нароко-дилери.
Од опозицискиот СДСМ велат дека срамната одлука на Уставниот суд не е ништо друго освен класична злоупотреба на партиските инсталации во судството, со надеж дека Груевски ќе се спаси од одговорноста, дека ќе ја спаси сопствената кожа.
„Се потврди тоа што сите го знаат во Македонија: ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски организирано спроведувале изборен грабеж. Срамната одлука на Уставниот суд не е ништо друго освен класична злоупотреба на партиските инсталации во судството, со надеж дека Груевски ќе се спаси од одговорноста, дека ќе ја спаси сопствената кожа. Затоа беше поднесена оваа иницијатива до Уставниот суд и затоа експресно беше реализирана. Затоа беа организирани контрапротести, со притисок врз вработени во јавната администрација. Затоа ВМРО-ДПМНЕ креираше различни сценарија со намера да предизвика конфликти меѓу граѓаните“, реагираат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека масовниот одѕив на граѓаните на вчерашниот марш во одбрана на Уставот уште еднаш ја потврдила граѓанската свест и граѓанската истрајност во борбата за слобода, демократија и за европски вредности.
За НСДП, одлуката на Уставниот суд е брутално убиство на правната држава. И според нив, сите понатамошни избори во Република Македонија, вклучително и вонредните парламентарни избори закажани за 5 јуни, се бесмислени. За НСДП, беспредметни стануваат сите напори околу ажурирањето на избирачкиот список и сè друго околу подготовката на изборите.
„По ова станува сосема извесно дека следниот чекор на Уставниот суд е укинувањето на Специјалното јавно обвинителство, како сериозна закана за Груевски и за криминалната структура околу него. Со нарачаната одлука на Уставниот суд, владејачката структура, практично, ги призна сите кривични дела поврзани со изборите. Давајќи можност на сторителите на кривичните дела да бидат амнестирани и аболирани, власта им упати јасна порака – продолжете да тепате, да затворате, да казнувате и да фалсификувате избори колку што сакате бидејќи веќе никој ништо не ви може“, пишува во соопштението на НСДП.
Здравко Савевски од Левица вели дека Уставниот суд уште еднаш докажал дека работи по налог на ВМРО-ДПМНЕ и дека постои само за да обезбедува слабо видлива правна основа, за која многу лесно се препознава дека „не држи вода“.
„На овој начин целата јавност сфаќа дека не постои институција за заштита на уставниот поредок, туку уште една институција која се труди да ја оправда злоупотребата на власта. Зачудува и експедитивноста на Уставниот суд за слушање на наредбите од штабот на ВМРО-ДПМНЕ во споредба со нивното игнорирање на иницијативите на граѓаните, кои во Уставниот суд стојат можеби и повеќе од една година“, вели Савески.
Со осуда излегоа и од Коалицијата „Граѓаните за Македонија“. Марјан Забрчанец вели дека будно ја следат состојбата и дека ќе продолжат да го застапуваат исклучиво интересот на граѓаните.
– Од нашите контакти на терен, јасно е дека речиси не постои човек што ја поддржува одлуката на Уставниот суд. Граѓаните не сакаат државата да овозможи помилување на изборни криминалци и на педофили. Сè друго е манипулација со членовите на ВМРО-ДПМНЕ и дел од државната администрација, кои се под закана, уцена и под притисок – вели Забрчанец.