Уставниот суд на наредната седница закажана за среда, 29 март, ќе ја разгледува иницијативата за уставноста и законитоста на контроверзниот член 175 од Законот за електронски комуникации. Со овој член донесен со измените на Законот во 2014 година, на телекомуникациските оператори во земјава им се наложува „да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи“.

Разгледувањето на оваа иницијатива, како што стои во агендата за седницата на Уставниот суд, е прва точка на дневенниот ред.

„Член 175 од Законот за електронските комуникации („Службен весник на Република Македонија“ број 39/2014, 188/2014, 44/2015 и 193/2015), Реферат У.бр.29/2015“, стои во агендата.

Иницијативата за разгледување на уставноста и на законитоста на овој член е поднесена во 2015 година, односно истата година кога СДСМ почна со објавување на разговори од незаконското следење на комуникациите, т.н. „бомби“.

Во иницијативата, како што се гледа од објавата на Уставниот суд, оспорен е целиот член 175, односно сите 10 става од него.

Инаку, членот 175 од Законот за електронски комуникации (објавен во „Службен весник“ на 25 февруари 2014 година) вели дека операторите се должни да ги обезбедат техничките услови за следење на комуникациите во нивните мрежи, во согласност со Законот за следење на комуникациите.

Операторите сами, на сопствен трошок, се должни да ја обезбедат и да ја одржуваат опремата, соодветниот интерфејс и да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до надлежната институција (орган) овластен за следење. За опремата, операторите се должни да побараат техничка спецификација од надлежниот орган, кој ги утврдува и мерките и стандардите за информациска безбедност, кои треба да ги примени операторот.

Грижа на операторите е да водат сметка лицата чии комунакции се следат да не забележат дека се следени, што значи квалитетот на комуникацијата да биде на ниво, дури „операторите треба да обезбедат иста или поголема сигурност и квалитет на следената комуникациска услуга од сигурноста и од квалитетот на комуникациските услуги кои му се овозможени на лицето чии комуникации се следат. (Од членот 175)

Законот за електронски комуникациите беше менуван и во 2010 година, кога тогашната власт со членот 115 ја извади одредбата дека телекомуникациските оператори можат законски да прислушуваат само во моментот кога ќе го добијат налогот за следење комуникации од надлежен суд.

Оваа одредба, која тогаш предизвика многу контроверзи во јавноста, беше укината од Уставниот суд во декември 2010 година. Сепак, во 2014 година Законот за електоронски комуникации доживеа нови измени, односно беше воведен членот 175. Во овој член повторно никаде не се споменува „судски налог“, освен дека прислушувањето мора да биде во согласност со Законот за следење на комуниакциите.

Две години претходно, односно во септември 2012 година, беа донесени измени на Законот за следење на комуникациите, со кои беше избришан членот 2 од Законот, кој предвидуваше дека „никој не смее без наредба на надлежен суд да врши следење на комуникациите, освен ако му се наменети или постои согласност на лицето или лицата кои се вклучени во комуникацијата“.