УСС УКИМ со иницијатива за воведување задолжителна педагошка доквалификација за наставниот кадар

Од студентското собрание велат дека ваквата иницијатива е во насока на унапредување на квалитетот на наставниот процес и подобрување на образовните резултати на студентите

Photo by The Climate Reality Project on Unsplash

Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС УКИМ) поднесе иницијатива за воведување задолжителна педагошка доквалификација за сите сегашни и идни асистенти, доценти, вонредни и редовни професори на високообразовните установи.

Од таму велат дека ваквата иницијатива е во насока на унапредување на квалитетот на наставниот процес и подобрување на образовните резултати на студентите.

„Во основното и средното образование, според Законот за наставници и стручни соработници во основното и средното образование, наставниците без педагошко-психолошка и методолошка обука се должни да ја завршат истата пред да добијат лиценца за работа. Сметаме дека оваа пракса треба да се прошири и во високообразовниот систем, како дополнување на постоечките законски рамки“, велат од УСС УКИМ.

Студентското собрание предлага да се воведе задолжителна педагошко-психолошка и методолошка доквалификација за сите сегашни и идни наставници на високообразовните установи, а доквалификацијата да се спроведува преку акредитирани програми во соработка со Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието (БРО).

Бараат и да се извршат измени и дополнувања во Законот за високо образование, со додавање нов член кој ќе ја регулира оваа обврска, слично како што е регулирано во Законот за наставници и стручни соработници.

Со ова, УСС УКИМ очекува зголемен професионализам на наставниот кадар, подобра подготовка на студентите за пазарот на трудот и унапредување на меѓународниот углед на македонските факултети.

Барањето на студентското собрание е упатено до МОН, БРО и високообразовните установи.