Универзитетското студентско собрание при УКИМ, студентската правобранителка и факултетските студентски собранија на УКИМ сметаат дека воведувањето на дополнителни трошоци за материјални и онлајн ресурси не треба да бидат на товар на студентите.
Ваквата реакција на студентските тела доаѓа по извештаите дека одредени факултети на УКИМ, меѓу кои е и Медицинскиот, од овој семестар вовеле дополнителни трошоци за студентите за „материјални ресурси“ во висина од 3.500 денари.
Со ова, давачките на студентите кон факултетите на УКИМ се значително зголемени.
УСС УКИМ го цитира Законот за високо образование, во чиј член 123 пишува дека „Тековните трошоци (комунални трошоци, одржување, опрема и потрошен материјал за реализација на студиските програми и за работењето на високообразовната установа) на јавните високообразовни установи во целост се надоместуваат од Буџетот на Република Македонија“.
Универзитетското студентско собрание вели дека ќе побара итен состанок со министерката за образование и наука Весна Јаневска, со цел во најбрз можен рок дополнителните трошоци да бидат надоместени од државниот Буџет, како што е предвидено со закон.
Реакција за зголемените трошоци на Медицинскиот факултет имаше и од Форумот за образовни промени, од каде повикаа студентите да бојкотираат и да не ги уплаќаат зголемените трошоци при уписот на летниот семестар.
Претходно во септември, низа факултети на УКИМ исто така ги покачија трошоците при упис на семестар.