Кон средината на месец март беше организирана 43-та Европска студентска конвенција во организација на Европската студентска унија (ЕСУ) – најголемата студентска организација во Европа на која учествуваа и претставници од Универзитетското студентско собрание при Универзитетот Св. Кирил и Методиј (УСС УКИМ).
Конвенцијата, која по пауза од две години за прв пат се одржа со физичко присуство на Малта е алка на поврзување на 45-те студентски организации низ Европа кои членуваат во студентската унија од која нашата земја не е дел и наши претстваници за прв пат присуствуваа на овој европски студенстки собир.
Претседателката на УСС УКИМ, Ева Цветковска и претседателот на комисија за надворешна соработка на УСС УКИМ, Тихо Наумоски имаа можност да се запознаат со делегати од сите останати членки на ЕСУ и притоа добија можност да ја претстават македонската студентска организација чие внимание во моментов е насочено кон тоа да стане член на Унијата.
„Темите кои беа опфатени на конвенцијата со илустративниот назив „Повторно заедно“ се срцевината на одговорностите кои студентското движење ги сноси: адресирање на дневните предизвици со кои студентите се соочуваат, важноста на родовата еднаквост и застапеност во студентското застапување и водечките способности, дискусии околу критички концепти на работата на високо образовните институции и политики на европско ниво, и работилници за информирање и оспособување на студентските претставници во нашата борба за обезбедување пристап до психолошки служби и грижа за менталното здравје на студентите“, изјави за „Мета.мк“ Ева Цветковска.
Сите универзитетски студентски собранија во Македонија се сѐ уште многу млади и како што вели претседателката имаат уште работи за учење.
Покрај темите со суштинско значење за студентите во земјава и за работата на студентските тела, вмрежувањето со претставници од 40 различни земји преку членството во ЕСУ ќе овозможи придобивка од размена на искуства, соработка и заеднички проекти, мобилност на студенти, поддршка за развој иницијативи и проекти во рамките на универзитетското студентско собрание.
Како што посочува претседателката на УСС, сите знаења и ставови со кои македонските студенти ќе се стекант ќе може да се имплементираат на овдешните студенти, а притоа ќе се отвори шанса македонските студенти да ја кажат својата перспектива на работите и нивниот глас да биде чуен на европско ниво.
Учеството на конвенцијата е првиот чекор од низата потребни за Државното студенстко собрание (ДСС) да стане дел од Европската студентска унија.
„Државното студентско собрание кое е чадор организација на речиси сите универзитетски студентски собранија е моментално со статус кандидат за членка во ЕСУ. Следниот чекор кон доближување до членство е визит студијата на делегатите од ЕСУ кои доаѓаат тука од 28 март до 1 април. Врз основа на она што ќе го видат тука ќе состават извештај кој ќе го презентираат пред делегатите од сите 45 членки на генералното собрание на ЕСУ во мај во Париз. Врз основа на извештајот, делегатите ќе гласаат одлука за дали ќе станеме полноправна членка или не“, појаснува Цветковска.
За посетата на претсавници на ЕСУ, УСС УКИМ организираше состаноци со Министерството за образование и наука, Ректоратот на УКИМ, Агенцијата за акредитација и евалуација во високото образование, пратениците од Клубот за младински прашања во состав на Парламентот на РСМ, вице-премиерот за евроинтеграции, претставници од EU House од кои побара поддршка за сите залагања потребни да се остави добар впечаток за генералната слика за квалитетот на високото образование и студентскиот стандард во земјава.
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири на средбата одржана со Ева Цветковска и Тихо Наумоски изрази поддршка за напорите на организацијата за вмрежување со останатите членки на ЕСУ.
Од УСС УКИМ се надежни за престојот на европските делегати во Северна Македонија кои пристигнуваат за неколку дена.
„По повод претстојната средба предвидовме состаноци со факултетските студентски собранија, сите постоечки универзитетски студентски собранија поединечно, па потоа сите заедно под капата на државното студентско собрание, понатаму, со невладини студентски организации кои се залагаат за интересите на студенти од конкретна област и дејствуваат на факултетите/кампуси, и на крај со студенти кои не се инволвирани воопшто во студентското движење. Нашите очекувања се надежни“, истакнува Ева.