„Доколку пристапиме кон онлајн проверка на знаењето, наставните кадри нема да имаат никаква контрола врз условите за спроведување на испитот, нема да постои никаков механизам кој ќе обезбеди целосен надзор врз начинот на полагање и ќе се овозможат манипулации со испитите. Ваквиот начин на проверка на знаењето дополнително ќе го срози и така разнишаното образование во државава“ – велат од Универзитетското студентско собрание (УСС).

Тие се децидни дека онлајн проверка на знаењето не нуди никаква гаранција за квалитетот и ќе придонесе кон деградација на знаењето, трудот и дипломата. Посочуваат дека онлајн проверката на знаење ќе ги стави во нееднаква положба студентите кои не располагаат со соодветни електротехнички уреди и брза интернет конекција, креирајќи нефер дистинкција помеѓу студентите кои се финансиски обезбедени и имаат услови за онлајн полагање и студентите кои немаат финансиска стабилност и можност да си дозволат електронски уреди кои би им овозможиле еднаквки услови за студирање со своите колеги.

УСС од надлежните бараат стопирање на сите рокови и правила за студирање кои важат во редовни околности.

„Бараме стопирање на роковите од три редовни сесии за положување еден испит. Овие рокови се осмислени за редовни околности во кои студентите целосно, и психички и физички, ќе можат да се посветат на своето образование. За жал, моменталната ситуација, не само што го оневозможува физичкото присуство во амфитеатрите и читалните, туку и ја нарушува психичката состојба на студентите и нивната можност да ја подготват испитната материја целосно концентрирано и посветено. Оттука, редовните рокови мора да се замрзнат, а Универзитетите да им овозможат на студентите повеќе испитни сесии до крајот на годината, а не до септември, како што е предвидено со правилата“

Тие предлагаат високообразовните институции да не започнуваат со онлајн проверка на знаењето, а доколку започнале, истата веднаш да ја запрат, сè додека не биде подготвен механизам за онлајн проверка на знаењето кој ќе даде соодветни гаранции и ќе биде одобрен од сите засегнати субјекти, пред сè од самите студенти, како најзасегнат субјект во оваа ситуација.

Потенцираат дека од клучно значење е институциите да реагираат трезвено, без брзање и со многу напор, со цел решенијата кои ќе се донесат да бидат ефикасни, но и истовремено да го гарантираат квалитетот.

За проблемите што тек допрва ќе се случуваат во онлајн наставата, зборуваше и универзитетскиот професор Илија Ацески. Тој за „Мета.мк“ изјави дека нашите системи не се подготвени за вакви кризи, за вакви непредвидливи ситуации.

„Ние сме надвор од модерните текови на учење. Релативно сме технолошки опремени, но самите модели и пристапи не ги применуваме“, изјави професорот Ацески.