Успешно заврши необичната учебна година, одржана во вонредни околности и проследена со протести

Онлајн настава
фото: Compare Fibre на Unsplash

Како што почна, така и заврши – наместо училишно ѕвоно, крајот на учебната 2020/2021 година го огласи затворањето на дигиталниот прозорец од платформата преку која учениците следеа настава.

Изминативе девет месеци и за учениците и за наставниците беа особено необични, зашто за првпат во нивните животи, целата учебна година ја поминаа дома пред екраните на своите лаптопи или компјутери.

Откако нејзиниот почеток се одложи за еден месец, учебната 2020/21 започна под посебни протоколи – за повеќето ученици од дома, додека најмалите, од прво до трето одделение, ја почнаа со заштитни маски на лицето, држење дистанца и мерење температура.

Почетокот на учебната година ја изнесе на виделина и почетната неподготвеност на образовниот систем за едни вакви вонредни околности. Така, техничките пречки на почетокот беа секојдневие, а и самите ученици не го криеја своето невнимание на часовите.

Сепак, на крај, истражувањето направено од „Реактор“ по нарачка на УНИЦЕФ, покажа дека родителите, учениците и наставниците сметаат дека оваа учебна година била многу подобро организирана во споредба со второто полугодие од минатата и дека техничките потешкотии биле надминати, а целите на наставната програма – исполнети.

Освен што се одржа целосно онлајн, изминатата учебна година ја одбележаа и неколку протести и тивок бојкот. Прво протестираа средношколците, кои бараа комбинирана настава, а потоа и измени при полагањето на државната матура. Од овие барања, МОН одговори позитивно само на второто, па државната матура годинава се одвива поинаку.

Со најавата за дигитализација на образованието, својот ред за протест го дочекаа и родителите кои се противат на Законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование. Тие организирани преку граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ побараа да се стопира предлог законот, да се отвори јавна расправа и тие да бидат вклучени во новите образовни реформи кои настапуваат од септември. Од МОН, пак, се децидни дека дигитализацијата ќе се спроведе.

И покрај сите околности, учебната година на крај заврши успешно. Минситерката за образование и наука Мила Царовска преку видео обраќање им се заблагодари на наставниците, учениците и родителите за несебичната соработка, поддршка и помош.

„Учебната 2020/2021 претставуваше предизвик на кој заеднички успеавме да одговориме. Учениците добија квалитетна настава и непрекинат воспитно-образовен процес, а нивното здравје, безбедност и благосостојба беа заштитени, што за сите нас претставуваше најголема грижа. Сето ова немаше да биде возможно без несебична поддршка и помош од наставниците и родителите“, истакна Царовска.

Таа додаде дека е посебно горда на учениците, кои во целата ситуација беа најдиректно засегнати, за нивната напорна работа и покажаната висока продуктивност со наставата од далечина. Порача дека заедно со сите чинители и следната учебна година ќе се обидат да ги надминат недостатоците во знаењата кои нужно се појавуваат поради условите во кои се одвива наставата, но и новите начини на учење.

„Благодарност за сè што направивте да го поддржите учењето од дома. Балансирањето на семејниот и професионалниот живот некогаш не е едноставно. Како родител на дете во основно училиште, свесна сум дека следењето настава на далечина беше уште еден семеен предизвик со кој сите се соочивме. Ви благодарам за покажаната посветеност и подготвеност за соработка, кои беа суштински дел од успешното спроведување на овој процес“, рече Царовска.

Како ќе се одвива наставата од наредната учебна година, МОН, во соработка со Комисијата за заштита од заразни болести и Министерството за здравство, ќе утврдува во август.