fbpx

Успешно изведени првите интервенции во новиот Центар за спинална хирургија

-

Осумгодишно девојче со сколиоза и со сериозен деформитет на ’рбетниот столб успешно е оперирано во новоформираниот Центар за спинална хирургија, кој функционира во рамки на Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) во Скопје. Оваа прва ваква сложена интервенција во Македонија, како и уште четири интервенции, ги изврши реномираниот ортопед-трауматолог од Истанбулскиот универзитет, Уфук Талу, заедно со македонски хирурзи од ТОАРИЛУЦ.

По тој повод, министерот за здравство, Никола Тодоров, денеска го посети Центарот за спинална хирургија и изјави дека во него досега инвестирале околу 40 милиони денари. Посочи дека комплетно биле реконструирани две операциони сали, просторија за интензивна нега и просторот пред салите.

– Беше набавена комплетно нова опрема, која е потребна за изведување на овие сложени интервенции. Во овој момент има уште една постапка за набавка на дополнителна опрема за навигација, со вредност од 40 милиони денари, со што овој Центар ќе се вброи меѓу врвните центри и ќе се овозможи сите интервенции од оваа област да може да се работат во Македонија. Значи, целиот центар ќе биде инвестиција вредна 80 милиони денари – посочи Тодоров.

Тој истакна дека со докторите од Турција се во преговори да бидат присутни во центарот барем еднаш во текот на месецот, определен број денови, и заедно со македонските колеги да ги изведуваат најтешките интервенции што не се работеле во Македонија.

Министерот појасни дека македонските доктори ќе бидат едуцирани да можат да ги изведуваат тие интервенции, по што и самостојно ќе може да ги работат.

– За тоа во активни преговори сме со Универзитетот од Истанбул со кој имаме одлична соработка, наредните денови ректорот треба повторно да дојде во Македонија и тогаш ќе ги финализираме сите разговори. Му честитам на целиот македонски тим доктори, кои заедно со докторот од Турција изведуваат сложени интервенции – додаде Тодоров.

Директорот на ТОАРИЛУЦ, Реџеп Селмани, рече дека освен што се развива една област која решава комплексни состјби за ’рбетниот столб, со оваа инвестиција многу се подобрени условите за целата клиника.

Хирургот Љупчо Николов истакна дека за овие неколку дена направиле многу тешки интервенции, опфаќајќи повеќе области и повеќе проблематики од областа на спиналната хирургија, како инфекции, тумори, деформитети, конгенитални деформитети, сколиози…

– Ова е само еден почеток, но мислам дека стигнавме до момент кога ќе можеме под менторство на поискусните колеги да направиме голем напор во оваа област и да бидеме спремни да им понудиме на граѓаните повисоко ниво на здравствена услуга – рече Николов.

Тој истакна дека интервенцијата врз осумгодишното девојче траела повеќе од осум часа, тоа сега е на интензивна нега во стабилна состојба и закрепнува.

Тодоров појасни дека 10-15 пациенти секоја година се испраќале на лекување во странство за интервенции од оваа област.

– Се надевам дека со овој концепт на постоење на Центарот за спинална хирургија и постојана едукација и тренинг од страна на странски доктори, ќе можеме во еден период комплетно да се осамостоиме и сите интервенции да ги извршуваат наши хирурзи – додаде министерот Тодоров.

Во текот на денот ќе биде извршена уште една интервенција во центарот, а со утрешната седма интервенција ќе се заокружи овој стручен престој на реномираниот ортопед-трауматолог од Истанбулскиот универзитет, Уфук Талу.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...