Фото: Министерство за здравство

Министерството за здравство информира дека денеска на Клиниката за неврохирургија, заедно со тим лекари од Клиниката за неврологија, кај 36 годишна пациентка беше успешно вгарден стимулатор на нервот вагус.

„Оваа хируршка метода за првпат се воведува кај нас како редовна терапија за пациенти со најтешка форма на епилепсија, која тешко се контролира со лекови“, посочуваат од Министерството.

Оттаму објаснуваат дека операцијата опфаќа имплантација на мал електростимулатор кај пациентот, кој апарат го стимулира вагусниот нерв и тој ја намалува зачестеноста на епилептичните напади кои кај овие паценти знаат да бидат и по десетина на ден. Електростимулаторот безжично се подесува во зависност од пациентот.

Фото: Министерство за здравство

Операцијата денеска ја изведоа министерот за здравство неврохирург д-р Венко Филипче, д-р Владо Башчаревиќ од Клиниката за неврохирургија во Република Србија, каде оваа метода е веќе позната, неврохирургот д-р Владимир Рендевски директор на Клиниката во Скопје. Од Клиниката за неврологија д-р Емилија Цветковска и д-р Бојан Бошковски, со поддршка на директорот на Клиниката д-р Иван Барбов.

Од секторот здравство најавуваат дека оваа хируршка интервенција денеска ќе се изврши кај уште тројца пациенти, а во текот на наредните денови стимулатор на нервот вагус ќе се вгради кај уште двајца пациенти со тешка форма на епилепсија.

Министерството за здравство заедно со ФЗО на РСМ оваа хируршка метода ја ставија како редовна терапија за пациенти со најтешка форма на епилепсија.

„Со оваа го подобруваме животот на овие пацинети, но и им овозможуваме лекување дома, бидејќи досега за ваков вид на хируршка интервенција одеа во странство“, велат од Министерството за здравство.

Пациентката кај која денеска беше изведена првата операција се разбуди и добро се чувствува.