Дислокацијата на Усје е долгорочно решение за кое е потребно многу време и финансии да се реализира, а на скопјани итно им треба чист воздух. Една од можностите е капацитетот да работи на гас и постојано да се контролира од независни институции. Советот на Скопје го усвои барањето на Зелен хуман град за преместување на фабриката надвор од урбаната средина и побара Министерството за животна средина да го испита работењето на Усје и сите големи индустриски загадувачи дали ги исполнуваат сите услови, обврски и критериуми кои произлегуваат од важечката дозвола за работа и релевантната еколошка регулатива, а од Државниот инспекторат за животна средина побара да изврши ненајавени вонредни испекциски надзори врз работењето на Усје и сите големи индустриски загадувачи.
Од партијата ДОМ ја поздравија одлуката на Советот на Скопје како долгорочна визија за хуман град, но истовремено апелираа иницијативата за дислокација да не се дозволи да биде изговор да не се преземаат итни активности во реално време.
„Бараме јавен мониторинг во реално време, мерењата на емисиите од оџаците не смеат да бидат интерна тајна на компанијата или достапни само за инспекторите. Бараме системот за мониторинг да биде директно поврзан со веб-страницата на МЖСПП со 24-часовен јавен пристап за сите граѓани. Податоците мора да се гледаат во живо, без можност за филтрирање или одложено прикажување. Јавноста мора да има увид во секој момент дали се надминати граничните вредности“, посочуваат од ДОМ.
Исто така, „Усје“ треба да се обврзе со законски акт годишните ремонти со запирање на работа на печките да ги врши исклучиво во декември и јануари., со што ќе се намали товарот врз воздухот во најкритичните месеци на температурна инверзија. Фабриката мора да добие забрана за користење алтернативни горива како пластика, текстил и гуми како енергенс и додека е во населено место, мора да работи исклучиво на гас.
Задолжително да вгради влажни испирачи за фаќање на киселите гасови и честички, што е стандард кој мора да се исполни без одлагање доколку не се користи гас.
Од ДОМ бараат инспекторите да се насочат и кон оџаците кои не се од индустријата, особено во контрола на сервисите и погоните кои горат отпадно масло и лакиран дрвен отпад, како и да им се обезбеди современа опрема за вршење на контролите.
„Иницијативите се добри за подигање на свеста, но на Скопје му требаат решенија. Дислокацијата е иднината, но транспарентноста, мониторингот во живо и забраната за горење отпад се сегашноста која мораме да ја обезбедиме“, посочуваат од партијата.
