Уште се чека на Управниот суд да пресече кој ќе управува со топловодната мрежа во Скопје

-

Уште една грејна сезона помина во Скопје, а прашањето за тоа кој ќе управува со топловодната мрежа во главниот град во иднина останува отворено. Сè уште се чека донесувањето на пресудата на Управниот суд во однос на тужбата што ја поднесе АД Градски енергетски ресурси (ГЕС) на почетокот од декември минатата година, против Решението на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за прекин на постапката за издавање на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија на АД ГЕС.

Барањето за издавање на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија од новоформираното претпријатие на Град Скопје беше поднесено на 14 октомври лани, додека на 1 ноември било донесено решението од РКЕ за прекин на постапката. Од оваа постапка пред Управниот суд, всушност би се добила појасна слика за тоа кој ќе биде корисникот што ќе управува со топловодната мрежа во Скопје и ќе го доставува парното греење до граѓаните.

Од РКЕ за „Мета.мк“ посочуваат дека ја чекаат одлуката на Управниот суд. Тие посочуваат дека донеле одлука да ја стават во мирување постапката за издавање на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија, поради тоа што во моментов има паралелни активности по ова прашање што двете засегнати институции ги имаат покренато. Без оглед на правниот исход, од комисијата тврдат дека тие ќе ја гарантираат услугата за која граѓаните плаќаат сметки за топлинска енергија.

– Фактичката состојба во моментов е дека Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје има договор со Друштвото за дистрибуција на топлинска енергија ДИСТРИБУЦИЈА НА ТОПЛИНА БАЛКАН ЕНЕРЏИ ДООЕЛ Скопје, во кој има право на користење на топловодната мрежа до 31 декември 2047 година – потенцираат од РКЕ.

Наспроти ваквото тврдење на регулаторите, од АД ГЕС истакнуваат дека овој договор меѓу АДСДП и Дистрибуција на топлина Балкан енерџи ДООЕЛ нема правно дејствие од 8 август 2019 година, кога стапила на сила одлуката за давање на трајно користење на топловодната дистрибутивна мрежа на Градот Скопје. Од ГЕС посочуваат дека ваквиот договор е ништовен и нема правно дејствие.

– АД ГЕС-Скопје е единствено правно лице кое има востановено трајно право на користење на недвижните ствари – линиски инфраструктурни објекти, енергетска инфраструктура – топловоди – истакнуваат од ГЕС.

Тие потсетуваат дека владата на 30 јули минатата година ја донела одлуката за давање на трајно користење на топловодната мрежа на Градот Скопје, по што градскиот совет на 27 август 2019 година ја дал оваа инфраструктура на трајно користење на АД ГЕС. Станува збор за топловодната мрежа изградена во два засебни системи за дистрибуција на топлинска енергија – на подрачјето на општините Чаир и Бутел, како и на подрачјето на Карпош, Центар, Кисела Вода и Аеродром.

Од Регулаторната комисија за енергетика посочуваат дека Балкан Енерџи Груп (БЕГ) во моментов ги има трите лиценци за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, така што до донесувањето на поинаква одлука, тие ќе продолжат да ги снабдуваат скопјани со парно греење.

„Мета.мк“ пред четири дена испрати прашања и до компанијата „Дистрибуција на топлина Балкан енерџи ДООЕЛ“, но до денешен ден не добивме одговор од нивна страна на поставените прашања на оваа тема.

Затоа пак, од АД ГЕС тврдат дека не само што е правно издржано градската власт да биде корисник на топловодната дистрибутивна мрежа, туку тоа е и правично бидејќи Градот Скопје со сопствени средства до 2014 година изградил околу 15 километри од примарната и секундарната топловодна мрежа во Скопје. Од претпријатието ветуваат придобивки за граѓаните, доколку тие се стекнат со лиценцата за дистрибуција на топлинска енергија.

– АД ГЕС-СКОПЈЕ ќе обезбеди иста цена за топлинска енергија и ангажирана моќност за сите потрошувачи по категории приклучени на топловодната дистрибутивна мрежа, независно во која општина и населба живеат или ја остваруваат својата дејност – потенцираат тие.

Од ова претпријатие очекуваат во иднина да продолжи соработката со „Балкан Енерџи Груп“ во делот на производството на топлинската енергија, за кое лиценца за работа има друштвото Производство на топлина БАЛКАН ЕНЕРЏИ ДООЕЛ. Од АД ГЕС не очекуваат проблеми во функционирањето на парното греење во Скопје, бидејќи системот за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија ќе треба и понатаму да функционира во согласност со Законот за енергетика, со подзаконските акти и со доделените лиценци за работа.

Владата ќе ги оценува медиумите и новинарите дали објавуваат позитивни, негативни или неутрални вести

Владата преку тендер бара фирма која ќе треба да изработи софтвер за оцена на медиумското влијание, со претходен мониторинг на сите медиуми, вклучувајќи и онлајн и печатени медиуми, како и социјалните...

Новото аниме од серијалот Вичер насловено „The Witcher Sirens of the Deep“

Нетлфикс неодамна го издадоа новиот аниме серијал од универзумот на „The Witcher“ со наслов „The Witcher Sirens of the Deep“, коешто не се сложува целосно со приказните од книгите. Имено, анимето е...

Трошоците на градоначалниците од Полошкиот регион: Над 47 илјади евра за патни трошоци и службени патувања за само три години

Градоначалниците на општините од Полошкиот регион од 2022 до 2024 година за патни трошоци (гориво, патарини) и службени патувања потрошиле вкупно 2.946.717 денари или над 47 илјади евра. Порталб.мк преку Законот...

МВР го приведе, па го пушти на слобода насилникот кој крвнички тепаше жена

Откако стана вирално видеото на кое се гледа и слуша како маж на лајв стрим на ТикТок тепа жена, Министерството за внатрешни работи го приведе насилникот, за кој е потврдено дека...

Владата ќе ги оценува медиумите и новинарите дали објавуваат позитивни, негативни или неутрални вести

Владата преку тендер бара фирма која ќе треба да изработи софтвер за оцена на медиумското влијание, со претходен мониторинг на сите медиуми, вклучувајќи и онлајн и печатени медиуми, како...