fbpx

Уште има шанси да биде донесена забраната за увоз на отпад

-

Најавени на дневниот ред, а потоа прескокнати, предлог-измените на Законот за управување со отпад предложени од ДОМ за забрана за увоз на отпад како енергенс во средата не беа разгледувани на пленарната седница.

„На двете собраниски комисии предлогот помина без забелешки, но кога дојде на дневен ред точката, претседателот ја прескокна и ни беше кажано дека причината е што на координација меѓу пратеничките групи не бил постигнат договор за неа“, вели Маја Морачанин, претседателката на ДОМ, која заедно со нејзината сопартијка Лилјана Поповска се предлагачи на измените на Законот за управување со отпад.

Забраната за увоз на отпад како енергенс беше и едно од барањата на граѓанските здруженија, организатори на протестите за чист воздух на „Зелен фронт“.

Според Јован Митревски, координаторот на пратеничката група на СДСМ, оваа партија не се спротиставува на ваквите измени.

„Бевме за тоа да се регулира оваa облaст и својaтa политичка воља ја покажавме и со тоа што предлогот на колешките од ДОМ го ставивме на дневен ред, но ни беше предочено дека е можно, доколку се прифатат предложените измени онака како што се сега дадени, да создадат проблеми на државата поради прифатените обврски на државата во областа на меѓународната трговија, каде владее принципот на реципроцитет“, вели Митревски.

Тој потсетува дека како потписничка на меѓународни документи, Македонија прифатила обврски и за увозот на отпад по основ првенствено на Спогодбата за стабилизација и асоцијација од 2001 година, Рамковната директива за отпад на ЕУ од 2008/198/ЕЦ, Директивата за депонии на ЕУ 1999/31, Регулативата за пратки на отпад во која е имплементирата Базелската конвенција за контрола на прекуграничното пренесување на отпад и негово складирање.

„Побаравме преку Министерство за животна средина да се испита какви пречки би можеле да произлезат со оглед дека и Македонија прави извоз на отпад, ги имавме случаите за извоз на отпад од Охис и извоз на пластика и електрични уреди. Штом ги добиеме потребните информации, оваа точка ќе биде ставена на дневен ред“ додава Митревски.

Во пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ се со став дека дале поддршка за измените, но сметаат дека недонесувањето на овие измени на Законот за постапување со отпад покажуваат дека власта не е искрено заинтересирана да се справи со проблемите на загадувањето.

„СДСМ пред три години дојде на власт со ветувања дека ќе ја подобри екологијата, а видовме дека други теми им биле поважни од заштитата на животната средина“, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ во Собранието.

Од СДСМ велат дека има шанси, доколку бараните информации покажат дека нема колизија на овој предлог со меѓународните обврски на државата, предлогот за забрана на увоз на отпад да биде донесен пред распуштањето на парламентот, на 12 февруари.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Со 78 гласа „за“, Собранието денеска го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите. Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање...