Алиса во земјата на танцот: Уште една незаборавна изведба на првиот инклузивен хор

Фото: Trisomija 21 - Skopje

Членовите на инклузивниот ансамбл на Колектив Ветерница и здружението Трисомија 21 Скопје ја одушевија публиката во Драмски театар со својата изведба која беше дел од претставата „Алиса во земјата на танцот“.

Оваа седма по ред инклузивна претстава на талентираната дружина на танцувачкото студио „Денсерс Јунајтед – Денс и Фитнес студио“ се одржа во пресрет на 3 декември, Светскиот ден на лицата со попреченост со цел да се развие свеста за различните способности на секој од нас.

Адаптацијата инспирирана според романот за деца „Алиса во земјата на чудата“ од англискиот писател Луис Карол за оваа пригода беше мозаик од повеќе уметнички изведби кои создаваат целина. Пред публиката, членовите на инклузивниот ансамбл со менторката Билјана Димитрова се појавија во костими како карти за играње, налик на свитата на Кралот и Кралицата од приказната на Карол. Тие го испејаа хитот Лео на македонската поп дива Калиопи.

„Голема чест од страна на организаторите на претставата коишто нè поканија да бидеме дел од неа со една нумера, односно кореографија. Беше голема среќа да се видат изразите на лицата на нашите учесници кога добија громогласен аплауз што вденаш им вдари насмевка. Ова беше убава инклузивна претстава што ја исполни целата сала, се разбира согласно протоколите и мерките од пандемијата“, изјави Јамболка Димитрова од Трисомија 21 Скопје за Мета.мк.

Овој настап на лицата со Даунов синдром следи по нивниот прв инклузивен концерт кога со песна го разнежија срцето на скопјани. Тие исто така настапија на отворањето на изложбата на Тома Димовски во паркот Ибни Пајко, а и на церемонијалното отворање на Центарот за социјални претпријатија.