Под раководство на јавен обвинител, вчера била спроведено координирана акција на Агенцијата за национална безбедност и одделите за сузбивање на организиран и сериозен криминал и за специјални полициски операции, во рамки на континуираните активности што започнаа во месец декември минатата година, а поврзани со превенција и сузбивање на заканите од тероризам, соопштија денеска Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи (МВР).
На пет локации во Скопје и Гостивар биле извршени претреси на дом и други простории при што биле пронајдени и одземени автоматска пушка, пиштол, пропаганден материјал, телефонски апарати, компјутерска опрема и други предмети што ќе бидат предмет на понатамошни форензички вештачења.
Од слобода се лишени четири лица, соопштија надлежните институции.
Акцијата е резултат на преземени дејствија на Лабораторијата за дигитална форензика при Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, при што се откриени повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм во кои осомничените споделувале претходно набавен и преведен пропаганден материјал на ИСИС и регрутирале нови членови.
Постапувајќи по кривичната пријава на МВР, надлежниот јавен обвинител донел наредба за спроведување истрага против овие лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „терористичка организација“.
На сите осомничени им е определена мерка притвор во траење од 30 дена.