Уште 10 наставници се придружија на ЕДУИНО Амбасадорите – креатори на дигитални образовни ресурси

Десетте нови наставници што станаат дел од ЕДУИНО Амбасадори на Меѓународниот ден на наставникот. Илустрација: СмартАп

Уште 10 наставници се придружија на иницијативата ЕДУИНО Амбасадори, која го обединува и го афирмира наставниот кадар што придонесува во развој и создавање дигитални образовни содржини, соопштија од иницијативата.

„Иницијативата ЕДУИНО Амбасадори започна по само една година од постоење на ЕДУИНО, поточно во март 2021 кога за првпат им оддаваме јавно признание на најпосветените наставници, првите 23 ЕДУИНО Амбасадори. Затоа на 5 октомври, Меѓународниот ден на наставникот, кој за нас претставува движечка сила на образованието, а со тоа и на општеството, сакаме да им искажеме неизмерна благодарност на новата група од 10 ЕДУИНО амбасадори за сиот труд, посветено време и пренесено знаење во создавањето видеолекции за предучилишно, основно и средно образование“, велат од тимот на ЕДУИНО.

Денес ЕДУИНО заедницата брои повеќе од 25.000 едукатори и 33 ЕДУИНО Амбасадори, кои придонеле во создавање на повеќе од 4.800 видеолекции, за предучилишно, основно и средно образование. Со тоа, оваа заедница придонесува да се создаде национална дигитална библиотека со непроценлива вредност за учениците и за идните генерации.

Проектот ЕДУИНО како и иницијативата ЕДУИНО амбасадори од своите почетоци се поддржани од страна на УНИЦЕФ, а се поддржани и од Владата на Обединетото Кралство преку Британската амбасада во Скопје. Проектот го спроведува невладината организација СмартАп, а техничката подготовка и оддржување на колективниот портал ја спроведуваат SyNRG Software & IT Solutions.

Десетте нови ЕДУИНО амбасадори кои се придружија во големата заедница се: Елизабета Теодосиевска, Кадрије Арифи, Билјана Арсовска, Нусрет Хазири, Емилија Стојановска, Гонџе Ејуби, Наташа Тодоровска, Виолета Поповска, Соња Апостоловска Трајковска и Марина Станиславова.

Платформата ЕДУИНО цели кон подобрување на образованието преку поттикнување на иновативноста и ко-креирањето, како и создавање на ЕДУИНО заедница која ќе придонесе кон заедничко креирање ресурси и засилување на вештините кај наставниот кадар. ЕДУИНО е предводен од Биротото за развој на образованието (БРО), а како партнери во проектот се Министерството за образование и наука (МОН), Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и УНИЦЕФ.