Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем денеска одржа работилница за зголемување на искористеноста на државните фондови и програми за поддршка на микро, мали и средни претпријатија (ММСП).

За време на работилницата, Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР), Агенција за поддршка на претприемништвото (АППРМ) и Агенцијата за вработување (АВРМ) ги презентираа нивните програми за поддршка на микро, мали и средни претпријатија пред публика од 30 финансиски консултанти и консултантски фирми специјализирани во обезбедување пристап до финансии.

„Врската која консултантите денес ја воспоставија со ФИТР, АППРМ и АВРМ ќе им овозможи полесно да обезбедат финансии за нивните клиенти од државните фондови, со што ќе се зголеми и нивната искористеност“, изјави Едвард Гонзалез, директорот на Канцеларијата за развој на УСАИД.

Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем ќе ја зајакне конкурентноста на ММСП преку подобрување на деловните услуги, финансирањето и пазарните врски за да поттикне значителен пораст на продуктивноста и вработувањата.

„Поради комплексноста на процесите за пристап до финансии, експертизата која финансиските фасилитатори им ја нудат на фирмите е неопходна за зголемување на искористеноста на државните фондови и програми за поддршка на приватниот сектор“, се вели во соопштението на УСАИД.