Американската развојна агенција УСАИД во Македонија во моментот финансира вкупно 27 проекти, посветени на економскиот развој, демократијата и на развојот на општеството. Како и во изминатите 25 години, колку што УСАИД работи во Македонија, проектите се реализираат во блиска соработка со приватниот сектор, владата и со граѓанските организации.
Ова денеска во Штип, пред присутните во Американското катче, го објаснуваше Едвард Гонзалес, директор за генерален развој во УСАИД Македонија.
– УСАИД има прецизна цел – да ги поддржи развојните цели на Македонија. Едно од клучните нешта, за кое сите политичките партии изјавуваат дека се посветени, е приближувањето на Македонија кон Европската Унија. УСАИД е тука за да ја поддржи Македонија во сите тие напори да стане членка на ЕУ – рече Гонзалес.
Тој пред членовите на Американското катче објаснуваше што работи УСАИД во Македонија и информираше за актуелните и за поранешните проекти финансирани со американски пари.
Конкретно во Штип, УСАИД поддржува проекти што се посветени на работа со младите. Еден од нив е „Ангажирање на младите и општеството во различни проекти“, кој има цел да создаде врска меѓу граѓаните и локалната власт.