Економист и систем инженер, двајца млади светиниколчани, чие хоби се иновациите, денеска го презентираа својот изум – уред за дезинфекција на воздухот, кој работи на принципот на силни УВЦ зраци во елиминација на вирусите и бактериите. Доволно е овој апарат да биде вклучен 20-30 минути во просторијата и за тоа време ги уништува сите микроорганизми.

Апаратот е мобилен, што значи дека во еден ден може да биде употребен во повеќе простории во функција на нивна дезинфекција. Се управува со далечински управувач. За изумот велат дека е прв на Балканот. Слични апарати, кои работат на дезинфекција на воздухот има во посовремените болници во развиените земји, како Германија, САД и други.

– Уредот во неколку земји го има во фиксна форма, додека нашиот е мобилен. 99 отсто е ефикасен, ги убива гермицидите и микроорганизмите. Со ресурсите што ги имавме, за релативно кратко време направивме нешто што е за општо добро на сите. Првиот уред останува тука, во општина Свети Николе – рече Никола Глигоров.

Изработката на овој апарат чини помалку од 1.000 евра, а речиси сите репроматеријали ги има во Македонија. За изработката на првиот уред на двајцата иноватори им требало од 4 до 5 дена. Доколку добијат помош, работите би можеле да се забрзаат.

– Во завршна фаза ни е изработката на филтер за прочистување на воздух на отворено за елиминирање на гасови и ПМ-честички. Филтерот зафаќа голема површина и има цел да се инсталира на високофреквентни места – кажа Ивица Поцков, иноватор и еко активист.

Сѐ што ќе изработат од уредите за зрачна дезинфекција ќе донираат пред сѐ на здравствените институции, како придонес во борбата со Ковид – 19. Работат волонтерски и со свои средства. За уредот е информирано Министерството за здравство, како и со идејата да ги донираат апаратите. Исто така, запознаен и Фондот за иновации.