fbpx

Управувањето со кризи и спречувањето на насилство во фокус на конференцијата на СМАРТ Балкан

Доброволниот противпожарен сектор е основа во градењето на безбеден противпожарен систем во државата. Но, за доброволните пожарникари, најголем проблем се финансиските средства

-

Недоволно сили на терен, недостиг од финансии и поддршка на доброволните противпожарни друштва, како и немање психолошка поддршка за професионалците кои секојдневно се соочуваат со стресни кризни ситуации – ова се дел од главните слабости на системот за управување со кризи во Северна Македонија. Подготвеноста на системот за управување со кризи во земјава беше во фокус на денешната дискусија на втората Национална конференција во рамки на проектот „СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан“, во организација на Центарот за истражување и креирање политики – ЦИКП.

За системот за управување со кризи говореа директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, универзитетската професорка Драгана Батиќ и Кире Михајлов од Доброволното противпожарно друштво Свети Николе.

Модераторот на дискусијата – професорот Александар Иванов, рече дека сегашниот систем на управување со кризи се заснова на Националната концепција за одбрана од 2003 година и затоа сега, две децении подоцна и по промена на глобалниот и регионалниот геополитички контекст, се наметнуваат прашањата за силните и слабите страни на системот.

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов оцени дека актуелната поставеност на системот е добра кога би ја погледнале на хартија.

„Тука се поставува главното прашање – дали ние реално ги управуваме кризите или кризите нè управуваат нас“, рече Ангелов.

Тој ја објасни процедурата на прогласување кризна состојба и рече оти Центарот за управување со кризи ги координира сите државни ресурси. Но ЦУК, како што информираше Ангелов, има само човечки ресурси, кои исто така не се доволни.

„Тука почнуваат проблемите – кај силите на терен. На терен недостасуваат сили, не само кај нас туку и во соседните држави, особено при поголеми кризни состојби како големите пожари што се случија изминативе години. Дел од силите се сместени во Дирекцијата за заштита и спасување, но тие не се доволни, а дирекцијата ангажира доброволци кои имаат статус на резервен состав, односно единици кои се ангажираат по потреба“, истакна Ангелов, додавајќи оти според него фокусот треба да се стави токму на доброволците.

Ангелов рече дека покрај зајакнување на капацитетите на човечкиот фактор, потребна е помош „од надвор“ во однос на материјално-техничките средства, кои државата ги немала.

фото: Мета.мк

Доброволниот противпожарен сектор е основа во градењето на безбеден противпожарен систем во државата. Но, за доброволните пожарникари, најголем проблем се финансиските средства.

Кире Михајлов од Доброволното противпожарно друштво Свети Николе сподели дека ваквите друштва наидуваат на „симболични суми“ кои биле принудени да ги бараат од донатори.

„Самите осигурителни компании треба да имаат малку поголема посветеност и улога во начинот на финансирање и спонзорирање на друштвата. Доведени сме во ситуација да не можеме да си ги регистрираме возилата, ниту пак да ги осигураме доброволните пожарникари. Работиме неосигурани, не земаме никаква надокнада“, рече Михајлов.

Тој информираше дека според одредена анализа што ја направиле доброволните пожарникари, дошле до заклучок оти во државата има регистрирано 91 вакво друштво, но од нив 34 се воделе како активни, 56 биле неактивни, а 5 биле избришани.

„Кога стапивме во контакт со нашите колеги од професионалниот сектор, дојдовме до сознание дека реално оперативни се само 15 друштва, од кои само 6 се опремени со возила и со потребната опрема. Бројките се фрапантни и ќе мора да се стремиме преку државата и донаторите да се доекипираат нови друштва, како би го надградиле и зголемиле потенцијалот на целиот систем за управување за кризи“, додаде Михајлов.

Михајлов направи споредба со Словенија, за која рече оти и покрај тоа што според големината на територијата и населението е сродна на Северна Македонија, таму системот за управување со кризи имал „сосема друга перцепција за доброволниот противпожарен сектор“.

„Словенците имаат 700 платени пожарникари и 130.000 доброволни пожарникари кои членуваат во околу 1.374 противпожарни друштва“, рече Михајлов.

Зборувајќи за стресот предизвикан од кризите, универзитетската професорка и психолог Драгана Батиќ рече дека пружањето на психосоцијална интервенција и поддршка во ситуација на криза е многу значајно.

Ние навистина во периодот на ковид пандемијата научивме многу за тоа како функционира нашата држава и како ние функционираме во ситуација на криза. Од истражувањата се знае дека сите вакви настани – елементарни непогоди – доведуваат до кризни состојби. Најголем стрес-ефект имаат ситуации на насилство предизвикани од луѓе – војни, конфликти, насилства што сега се случија во Белград, терористички напади, закани“, истакна Батиќ.

Таа додаде дека покрај потребата од психолошка поддршка на жртвите што ги преживеале кризите, не помалку важна е поддршката и на луѓето што заради својот професионален ангажман се помагатели во таквите ситуации – како полицијата, пожарникарите, здравствените работници.

„Мислам дека мора да се обезбеди постојана обука за справување со стрес на овие професионалци. Кога тие ќе се најдат во ситуација на стрес, мора да знаат како да постапат – да се смират, а потоа да работат со другите. Зборуваме за дојавите за бомби во училиштата и насилството. Имаме протоколи – МОН ги обезбеди, протоколи за тоа што да се прави со врсничко насилство, но кога ќе се случат вакви кризи, самите учители, наставници, полицајци, пожарникари, мора да бидат спремни и да не бидат оставени сами на себе. Кај нас пости стигматизација – вие сте силни да спасувате и не треба да имате емоции и да се плашите. Тоа не е точно. Тука некако државата го превидува тој елемент. Сите што работиме сме ранливи и ни е потребна поддршка и помош, особено кога работиме со стрес“, рече професорката Батиќ.

На втората панел-дискусија на Националната конференција во рамки на проектот СМАРТ Балкан се говореше за зајакнување на локалните капацитети за спречување на насилство и насилен екстремизам. Говорници на оваа сесија беа Златко Апостолоски, национален координатор за спречување на насилен екстремизам и спречување на тероризам, Вилма Милчев, директорка на Центарот за заедничка основа и Лука Павиќевиќ од Сојузот на средношколци, додека дискусијата беше модерирана од претседателката на Здружението за активен и здрав развој на жени и деца „Плеиадес“, Мерал Мусли Тајроска.

Воедно, на конференцијата беа потпишани и договорите за грантови со четири граѓански организации. Грантовите што се доделија се во висина од 30 до 50.000 евра по грант, од грантовата линија – Национални интервенции. Своите проекти организациите ќе ги реализираат во период од околу две години.

Споделен беше и повикот за регионални грантови кој може да се најде на овој линк.

Главната цел на проектот СМАРТ Балкан, како што беше истакнато на конференцијата, е да придонесе кон зајакнување на партиципативните демократии и евроатлантските интеграции во Западен Балкан преку јакнење и поттикнување на граѓанските организации (ГО) и мрежите на ГО за посилна и поактивна улога во процесот на создавање на мирни и инклузивни општества за одржлив развој на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, С. Македонија и Србија.

Хане Мелдгард, заменичка на шефот на мисијата во Амбасада на Кралството Норвешка во Белград, рече дека граѓанските организации имаат голем придонес кон благосостојбата на општеството. Таа рече дека преку норвешката поддршка на ГО преку регионалниот проект СМАРТ Балкан, целта е да се зајакнат гласовите на индивидуалците и групите кои придонесуваат кон безбедноста и стабилноста на нивните заедници.

Информираше оти Норвешка обезбедила грантови за македонските организации во вредност од речиси 570.000 евра.

„Последниот период беше проследен со серија кризи – насилство кај младите, поплави, сајбер напади, но и растечки екстремизам. Предизвиците на глобалната безбедност како што се сајбер криминалот, пандемијата или безбедноста на храната, се присутни во сите земји во светот. Безбедносниот аспект треба да се дели одговорно, да не биде само ограничен на владите и оние што го спроведуваат законот. Граѓанското општество има голема улога во благосостојбата на општеството… Невладиниот сектор работи на превенција на конфликтите, изградба на мирот, толеранција, почитување на различностите, што помага да се намали насилството и конфликтите. И уште повеќе, човекови и социјални права – нудите свежи перспективи, иновативни решенија и соработка помеѓу општествените чинители“, рече Мелдгард.

Извршната директорка на ЦИКП, Марија Ристеска рече дека граѓанските организации ги препознаваат потребите на различните сегменти на македонското општество и одговараат преку проектот СМАРТ Балкан, нудејќи им услуги, заштита, превенција, градење капацитети, подигање на свеста или застапување во нивно име за промена на политиките во согласност со нивните потреби и намалување на нивната ранливост.

„Темите на повиците беа безбедност и стабилност, како добро управување, а имаа за цел да изградат капацитети, да поттикнат поактивна улога на граѓанските организации, да создадат регионални партнерства меѓу организациите, да го зголемат влијанието на граѓаните при носењето на одлуките и да ја подигнеме свеста за значењето на активното учество на граѓанскиот сектор во важни развојни иницијативи“, рече Ристеска, која додаде дека целните групи со кои најчесто работат организациите на кои им се доделуваат грантови вклучуваат маргинализирани лица како млади и жени жртви на насилство, инвалидите, корисниците на дрога и сексуалните работници.

И генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија, Методија Димовски се согласи оти граѓанскиот сектор и поттикнувањето на граѓанската свест се од исклучителна важност за општиот развој на вредностите во регионот.

„Земјите во Западен Балкан за жал се соочуваат со предизвици од многу области – владеење на правото, независноста на судството, борбата против корупција, организиран криминал, слобода на медиумите, но и економскиот развој, заштита на животната средина, социјална кохезија. И темите на денешната конференција се едни од опасностите кои претставуваат предизвик за нашата земја. Вашиот придонес како граѓанско општество е значаен во обезбедување на заштитата на основните човекови слободи и права и подобрување на демократското управување преку промовирање на транспарентност и отчетност во државните институции“, рече Димовски.

Инаку, проектот СМАРТ Балкан, финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка со грант од над 17 милиони евра, тековно се спроведува од јануари 2022 година од страна на конзорциумот на организации: Центар за промоција на цивилното општество (CPCD) од Сараево, Босна и Херцеговина како водечки партнер, Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) од Северна Македонија и Институтот за демократија и медијација (ИДМ) од Албанија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Без ниту еден доказ се обвинува НАТО, ИСИС и Ал Каеда за петкратното убиство на Смилковско Езеро

Во објавата што ја рецензираме произволно се тврди дека ЦИА ја креирале Ал Каеда и ИСИС и дека НАТО стои зад масакрот на Смилковско Езеро. За ова не се...