Управниот суд ја заврши јавната седница на која попладнево судиите ги разгледуваа двете тужби поднесени од СДСМ за решенијата на Државната изборна комисија по приговорите за предвремените парламентарни избори.

Едната тужба се однесува за избирачкото место 1978 во општина Тетово, а другата е за одбиениот приговор за избирачкото место 2025 во општина Теарце.

Судиите известители на јавната седница ги прочитаа тужбите по што се повлекоа да одлучуваат по нив.

Тие имаат рок најдоцна до утре до 19 часот да донесат одлуки, по што ќе се знае дали ќе има прегласување во спорните единици.

Коалицијата предводена од СДСМ поднесе четири тужби, а ВМРО-ДПМНЕ поднесе една тужба.

За другите три тужби дополнително треба да се формираат судски совети и да се закажат јавни седници.

Управниот суд со жрепка ги избра петтемина судии, Весна Јовановска, која е претседател, и членовите Бурим Сејдини, Анета Џигерова, Ѓоко Живковски и Драгослав Радичевски.

Инаку, заменик-претседателката на Управниот суд, а сега и претседателка на советот што одлучува по тужбите од политичките партии, Весна Јовановска, за судијка во Управниот суд е избрана во 2011 година. Како што може да се види од нејзината биографија на официјалната веб-страница на Управниот суд, пред да биде избрана на оваа функција таа немала судска практика, односно не работела како судија. Како дел од нејзината биографија е наведен пратеничкиот мандат во Собранието на Република Македонија, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во периодот од 1998 до 2002 година.