Управата за финансиско разузнавање ги предупредува граѓаните да бидат внимателни со сопствените парични средства и навремено да препознаат фиктивни измамничко- инвестициски платформи, односно да не инвестираат во ваквите платформи и апликации. Преку соопштение, оттаму велат дека неопходно е да се внимава во период на зголемени рекламни активности на социјалните мрежи поврзани со т.н. платформи за остварување на брза заработка преку Интернет.
„Управата за финансиско разузнавање како надлежна институција основана за целите на прибирање и анализа на извештаи за сомнителни трансакции и други информации од значење за спречување и откривање перење пари и финансирање на тероризам, се придружува на апелите од страна на останатите надлежни органи и ги предупредува граѓаните да бидат внимателни со сопствените парични средства и навремено да препознаат фиктивни измамничко- инвестициски платформи, односно да не инвестираат во ваквите платформи и апликации“, наведено е во соопштението.
Имајќи предвид дека голем дел од граѓаните се стекнале со крипто-средства преку давателите на услуги поврзани со виртуелни средства во нашата држава (најчесто локални менувачници во државата кои се задолжени да применуваат мерки и дејствија за спречување перење пари и финансирање на тероризам), Управата ги повикува истите да не ги поттикнуваат и да не им помагаат на граѓаните во вршењето на трансакции, односно депонирање на крипто-средства кон ваквите потенцијално измамнички апликации.
„Ги повикуваме граѓаните да се запознаат со т.н „Измамнички апликации со задачи“ или Тask-scam Apps кои преставуваат вид на измама каде што измамниците ги примамуваат жртвите со ветувања за лесни и брзи заработки преку едноставни задачи, при што со истите се стекнуваат со заработка во форма на крипто-средства. Измамите се состојат во тоа што иницијално жртвите на измамите се контактирани од т.н регрутери или претставник на апликацијата или пријатели, а заработката се обезбедува со мали задачи кои се лесни за завршување и нуди непосредни, мали исплати. За почеток најчесто е потребен иницијален депозит во форма на крипто-средства. Апликацијата или платформата функционира одредено време со што има за цел да изгради доверба и да покаже дека можноста за профит е легитимна“, наведено е во соопштението.
Надлежните додаваат дека овие апликации немаат реален производ или услуга и преставуваат параван зад т.н пирамидални шеми, односно се финансираат од вложувањето на новите членови.
„По одредено време организаторите ја згаснуваат платформата, а средствата на лицата коишто ги депонирале во ваквите платформи никогаш нема да имаат можност да ги повратат. Измамата не завршува најчесто тука, туку продолжува во втора фаза односно измама за т.н. „поврат на средства“, каде што организаторите на ваквата платформа уште еднаш ги искористуваат жртвите и ги насочуваат лицата дека преку депонирање на нови средства можат да ги повратат претходно изгубените средства. На тој начин жртвите на измамата се измамуваат по втор пат, а средствата секако нема да им бидат вратени назад“, предупредуваат оттаму.
Организација на обединетите нации (ООН) во своите извештаи поврзани со криминалитетот во пост-ковид-19 периодот, како и останати меѓународни организации укажаа на нов облик на организиран криминал, генерално од азискиот регион кој вклучува трговија со луѓе, каде илјадници лица кои се жртви на облик на насилен криминал се принудени да вршат измами поврзани со инвестирања во виртуелни односно крипто- средства и барање на жртви низ цел свет.
„Управата за финансиско разузнавање ги повикува менувачниците за крипто-средства во целост да го почитуваат Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, анализа на клиентите односно идентификација на секоја трансакција независно од износот, известување и доставување на податоци, информации и документација до Управата, чување, заштита и водење евиденција на податоци, именување на овластено лице и негов заменик и/или формирање на оддел за спречување на перење пари и финансирање на тероризам“, потенцираат во Управата.
Оттаму објаснуваат дека се работи за потенцијално измамничка платформа за брза заработка на средства, доколку:
– Платформата не е предмет на сеопфатна регулатива и надзор од надлежна институција во државата или земја од Европската Унија
– Не постои т.н инвеститорска програма или анг. (white-paper) за самиот проект во форма на крипто средства одобрен од надлежен орган или тело
– Не можат да се најдат податоци за називот на компанијата, лицата од менаџментот односно одговорните лица во правното лице, а понекогаш воопшто не постои регистриран ентитет
– Не можат да се пронајдат податоци дека правното лице е лиценцирано за активноста што ја врши, односно покажува фиктивни „сертификати“ за регистрација кај надлежен орган или тело на странска држава
– Интензивна маркетинг кампања преку социјалните мрежи и најчесто за иста платформа односно апликација, преку различни акаунти односно профили на социјалните мрежи
– Комуникацијата со лицата кои се претставуваат дека се надлежни или администратори/регрутери се одвива исклучиво преку социјалните мрежи како Telegram, Whatsapp, односно слични апликации за комуникација, при што зачленувањето е исклучиво во затворен круг односно преку покана на пријател или лице коешто е член на групата односно администраторот
– Апликациите коишто нудат „брза заработка“ не се достапни на „PlayStore“ односно „AppleAppStore“ и истите можете да ги инсталирате на вашиот електронски уред исклучиво со претходна покана на пријател
– Не можете да најдете податоци за техничка поддршка за самата платформа, односно не постојат ниту телефонски броеви ниту електронско сандаче за контакт
– Средствата коишто ги депонирате не можете да ги располагате слободно, односно истите не можете да ги повлечете тогаш кога сакате или доколку постојат такви можнoсти истото се врши за одредена провизија, која понекогаш може да биде поголема од самата „инвестиција“
– Платформата интензивно се рекламира дека соработува со реномирани компании со цел да прикаже дека поседува легитимитет
– Заработката од платформата е поврзана со извршување на одредени задачи, внесување на нови членови како и инвестирање со цел напредување во хиерархијата на апликацијата која овозможува дополнителна заработка.
Инаку Мета неодамна пишуваше за апликацијата Конти, каде што парите доаѓаат од новите членови а завршуваат кај оние што се на врвот на пирамидата, односно што влегле во „шемата“ порано. Апликацијата падна, па многумина граѓни останаа со салдо нула, некои од нив имаат заработка од илјадници евра, но други, иако зеле брзи кредити за брза заработка преку оваа апликација, ја вложувале сета своја плата или пензија – останале посиромашни за илјадници евра.