Уписите во средното училиште „Владо Тасевски“ ќе се одвиваат на отворено

СУГС „Владо Тасевски“ Скопје / Фото: Архива на училиштето

Учебната година заврши, а од вторник започнуваат уписите за учениците во средните училишта. Поради ситуацијата со коронавирусот, Владата усвои протокол со кој се уредува начинот на кој што ќе се запишуваат учениците. Предвидено е запишувањето да се одвива на 16 и 17 јуни во периодот од 7 до 19 часот, а притоа сите вработени во училиштето и оние што ќе дојдат да поднесат документи, задолжително да користат заштитна опрема, маски и ракавици.

Средното училиште има задача да организира редарска служба, со цел спроведување на редот и одржување на потребното растојание меѓу учениците од минимум 2 метри пред и внатре во самото училиште. Редарите ќе бидат вработените од училиштето, кои ќе ги одреди директорот.

Според протоколот, ќе биде дозволен влез на 6 ученици, во зависност од просторот каде ќе се одвива уписот. Доставувањето на документите од страна на ученикот, односно родителот/старателот е согласно распоред според азбучен ред од презимето.

Директорот на средното училиште „Владо Тасевски“, Александар Сибиновски вели дека претстојните уписи кои ќе бидат на 16 и 17 јуни ќе се одвиваат според прокотолот на Министерството за образование и наука.

Александар Сибиновски, директор на СУГС „Владо Тасевски“ / Фото: Лична архива

„За среќа, минатата година ние изградивме фудбалско игралиште со вештачка трева и оваа година ќе го искористиме тој простор за да ги реализираме уписите на отворено, а на тој начин ќе ги минимизираме можностите за евентуалното ширење на вирусот. Во нашето училиште имаме вкупно 5 профили, а тоа подразбира дека ќе бидат поставени и 5 пунктови за прием на документи“, изјави Александар Сибиновски за Мета.мк.

Тој појаснува дека благодарение на доволниот број на наставници, направена е ротација, така што на секој пункт за прием на документи ќе има по едно лице не подолго од 3 часа, а за воспоставување на непречен ред и проток на ученици ќе биде задолжен ненаставниот кадар, односно обезбедувањето и чуварската служба.

Фудбалскиот терен за каде е предвидено да се одржи уписот. Фото: Архива на училиштето

Сибиновски потенцира дека за учениците ќе биде задолжително да носат заштитна маска при влезот, а во врска со дезинфекција на просторот и инвентарот предвидена е динамика на секои 3 часа.

Училиштата се должни да постават и ознаки со кои се означува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на учениците пред и внатре во училиштето. Задолжителна е и дезинфекција на влезот, како и пред просториите каде се врши запишувањето на учениците. На крајот од секој ден на задолжително е механичко чистење и дезинфекција, како и редовно одржување на тоалетите.

И директорот на средното училиште „Орце Николов“, Митко Димовски вели дека ќе се следат и почитуваат препораките.

„На денот на уписите ќе биде дозволено да влегуваат не повеќе од шест ученици или родители, во зависност од тоа кој ќе дојде да ги поднесе документите. Од еден влез ќе се излегува, а од друг излегува, со цел да се запазат препораките за проветрување. Исто така, ќе поставиме и ознаки за држење растојание од 2 метра, а освен обезбедувањето ќе има и дополнителен кадар на редари, односно професори кои ќе помогнат во одржувањето на редот“ изјави Митко Димовски за Мета.мк.

Во Орце Николов, уписите ќе траат од вторник, до четврток поради претпоставката дека ќе има голем интерес за упис. Рангирањето ќе биде објавено во петок, додаде директорот на училиштето.