Унковски се враќа во МНТ со „Сите сме птици“

Слободан Унковски | Фото: Сашо Алушевски, CC BY-SA 4.0, Викимедија комонс

По пауза од 9 години, славниот театарски режисер Слободан Унковски повторно режира претстава во МНТ.

Станува збор за претставата „Сите сме птици“, по текстот на либанско-канадскиот автор, Важди Муавад. Премиерата се очекува со почетокот на новата театарска сезона.

„Најновиот проект и соработка со Унковски сите го очекувавме веќе подолг период, кој по девет години од последната негова претстава, повторно режира во МНТ. Ја поставува оваа моќна современа драма која спојува повеќе јазици и различни светови на искуства, притоа го истражува и идентитетот за тоа кои сме – или мислиме дека сме“, порачува МНТ.

Во драмата на уникатниот и современ автор Муавад, додека во светот се случува израелско-палестинскиот конфликт и нападите, едно семејство е во теснец и е принудено да се соочи со сѐ она што го знаат за својот идентитет.

Во претставата ќе игра веќе докажана актерска екипа: Емил Рубен, Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Николина Кујача, Дамјан Цветановски, Тина Трпкоска, Петре Арсовски, Сара Климоска и други.

Текстот од француски на македонски јазик го преведе Калиопа Петрушевска.

Слободан Унковски во изминатите децении на сцената на Македонскиот народен театар ги постави претставите кои уште долго ќе се паметат: „Јунона и паунот“ (1971), „Среќна нова ’49“ (1985), „Ништо без Трифолио“ (1986), „Гнев божји“ (1990), „Црнила 005“ (2005) и „Изгубени германци“ (2013).