Универзитетското студентско собрание на УКИМ организира шест студентски научни конференции

Економски факултет, УКИМ | Фото: Арбнора Мехмети

Универзитетското студентско собрание на Универзитетот Св. Кирил и Методиј (УСС) во Скопје заедно со факултетските студентски собранија, за првпат организира 6 студентски научни конференции. На студентските научни конференции можат да се пријават студенти на сите три циклуси, на сите факултети од јавните и приватните универзитети.

„Целта на овие конференции е да се изградат капацитети за научно-истражувачка работа кај студентите, да се создаде можност за нови соработки и вмрежување, и простор за споделување на мислења, ставови, идеи и иновативни решенија во различни области“ велат од УСС.

Студентските научно-истражувачки конференции ќе се одржат во текот на октомври, на различни датуми, а една конференција (СКЕЕОР) ќе се одржи во декември. Во зависност од препораките на здравствените власти, конференциите ќе се одржат со физичко присуство на факултетите на УКИМ или пак, на една од платформите за видеоконференциски врски.

Студентските конференции кои ќе се одржат се: МЕЕТ – Научна студентска конференција на студенти од Филозофски факултет и Педагошки факултет, СКГКП – Студентска конференција за глобални климатски промени, СКУН – Студентска конференција на уметници и научници, СНКН – Студентска научна конференција за нутриција, НИСКЕП – Научно-истражувачка конференција на Економски и Правен факултет и СКЕЕОР – Студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој.

Секоја од студентските конференции има своја централна тема и научни области на кои студентите можат да истражуваат. Сите информации поврзани со конференциите, како и Упатство за авторите за техничка подготовка на научни трудови, можат да се најдат на следниот линк.

Пријавувањето е онлајн, преку испраќање на апстракт за научен труд. Крајниот рок за испраќање апстракти е 15 август, а краен рок за испраќање изработен научен труд е 15 септември.