Универзитетско студентско собрание бара еднократна социјална стипендија за сите финансиски загрозени студенти

Економски факултет, УКИМ | Фото: Арбнора Мехмети

Универзитетското студентско собрание при УКИМ побара воведување на еднократна социјална стипендија во износ од 6.000 денари за сите студенти засегнати од финансиската криза.

На денешната прес-конференција исто така беше побарано и доделување на електронски уреди за оние студенти на кои им се потребни поради следење на онлајн наставата.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание Борјан Ефтимов истакна дека овие мерки ќе им помогнат на сите студенти кои директно се засегнати од финансиската криза поради вонредната состојба.

„Ние се фокусиравме на краткорочни и долгорочни мерки кои финансиски ќе ги помогнат студентите. Во однос на краткорочните мерки, бараме воведување на вонредна социјална стипендија, по теркот на социјалната стипендија која ја доделува Министерството за образование, за семејствата кои се исклучително погодени од кризата, кои одржуваат студенти и имаат приходи помали од просечните приходи, односно помалку од 14.000 денари по член на семејството, а одржуваат студент,“ изјави Ефтимов.

Оваа вонредна еднократна социјална стипендија, како што рече Ефтимов, треба да биде во износ од 6.000 денари, за да ги задоволи минимум потребите на студентите во следните неколку месеци.

Универзитетското студентско собрание исто така покренале и иницијатива за прибирање податоци за студенти кои не располагаат со уреди за следење на наставата, и бараат донатор кој ќе ги обезбеди тие уреди.