Универзитетот „Мајка Тереза“ ќе се смести во касарната „Илинден“, следи адаптација на објектите

Извор на фотографија: МОН

По шест години од основањето, Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје ќе добие свој инфраструктурен комплекс. Со одлука на Владата од пред неколку денови, високообразовната установа доби локација во скопската касарна „Илинден“. Постојните објекти ќе се адаптираат за потребите на наставно-научниот кадар и за студентите. Инвестицијата ќе ја реализираат Министерството за образование и наука (МОН) и самиот универзитет, информираат од МОН.

Ова беше повод за денешната средба помеѓу министерот за образование и наука Јетон Шаќири и новоименуваниот ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“, проф. д-р Изет Зеќири на која се изврши примопредавање на локацијата, каде ќе биде сместен универзитетскиот кампус. На средбата се разговараше за планот на активности и динамиката со која тие ќе се реализираат.

„Денес ги завршуваме административните процедури за да почне изградбата на универзитетскиот кампус и ова е голем исчекор напред во заложбите за градење на една квалитетна високообразовна установа. Затоа што квалитетот во голема мера зависи од инфраструктурните услови“, рече министерот Шаќири изразувајќи очекувања дека градежните активности ќе започнат годинава и веќе од следната академска година целиот наставно-научен процес ќе се префрли во новите простории.

Новиот ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“, проф. д-р Изет Зеќири изрази благодарност до МОН и Владата за отстапената локација и за поддршката која и досега му ја даваа на универзитетот од сите аспекти, а рече дека, ова е успех и на  досегашното универзитетско раководство.

„Се надевам дека што поскоро ќе започнат и ќе се заокружат инвестициските активности, по што ќе се комплетираме како универзитет и со тоа, верувам дека уште повеќе ќе се зголеми мотивацијата за работа на професорите, но и мотивацијата за учење кај студентите“, изјави ректорот Зеќири.