fbpx

Универзитетите уште калкулираат за државниот испит

-

Факултетите ги користат последните неколку дена од изминувањето на рокот за да ги услогласат ставовите околу државниот испит. Голем дел од универзитетите веќе се изјаснија.

Од штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ велат дека за нив не е прифатлив државниот испит.

– Државата има право да спроведе државен испит и тука никој не може да се меша. Но, тоа да биде само откако студентите ќе дипломираат. Сметам дека не треба да има никакво испитување и оценување од државата додека траат студиите – вели Кирил Барбареев од Универзитетот „Гоце Делчев“ .

Од Универзитет „Свети Климент Охридски“ од Битола велат дека допрва треба да одлучуваат.

– Факултетите треба да ни ги испратат своите мислења, па универзитетот од понеделник да ги разгледа и да донесе конечна одлука – вели Елизабета Атанасовска.

Иста е и ситуацијата во Универзитет „Свети Кирил и Методиј“. Раководството на факултетите треба до 15 декември да испрати став, за кој потоа ќе се расправа во ректоратот.

Од управата на ФОН кажаа дека не се согласуваат со државниот испит. Од ФОН сметаат дека државниот испит е спротивен со Законот за високо образование, не е уставен и не е во согласност со акредитираните студиски програми. На Државниот универзитет „Тетово“  сè уште ги обработуваат резултатите од анкетата која ја спровеле со студентите и со професорите за државниот испит.

Досега, единствено ректорот на охридскиот Универзитет за информатика, наука и компјутерски технологии „Свети Петар и Павле“, Нинослав Марина, официјално кажа дека државниот испит е добар и треба да се спроведе.

– Целта на сите овие реформи е да се зголеми квалитетот на експертите, стручњаците кои дипломираат на нашите факултети и универзитети, да добијат поголемо значење на пазарот на трудот. Не само на домашниот пазар на труд, во странските инвестиции, туку и на глобалниот пазар на труд. Со повеќекратната верификација на тие дипломи, значи дека се поконкурентни. Јас дури имам волја и во рамките на нашиот универзитет да воведам додатни проекти само за да се зголеми квалитетот и на студентите, кои ќе го добијат знаењето, и на професорите, кои би вовеле повисоки стандарди и за пренесување на знаењето и на евалуирање на тоа знаење – вели Марина.

Тој додава дека во предлог-текстот на МОН било коректно наведено дека принципите се воведуваат само за да се зголеми квалитетот на високото образование и дека нема да навлегуваат во автономијата на универзитетите.

Од факултетите досега околу државниот испит се огласија Правниот  факултет „Јустинијан Први“ и ФИНКИ, кои се против воведување на државниот испит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...