Универзитетите сѐ уште не знаат колкава школарина ќе плаќаат студентите со самохрани родители

Фото: Sincerely Media on Unsplash

Студентите со самохрани родители сè уште не знаат дали ќе треба да плаќаат целосна школарина во претстојната учебна година. Конкретен одговор за ова прашање нема ниту од државните универзитети.

Ова се само дел од анонимните коментари и искуства на студентите од оваа категорија:

„Кога започнав со факултет бев дете на самохран родител и плаќав целосна партиципација во приватна квота. Пред една година почина и мојот друг родител, па два пати поднесов молба до деканат и ми рекоа дека ќе ме известат. Нема никаков одговор и сѐ уште ја плаќам целосната сума“;

„Претходната година пред да го запишам третиот семестар на Медицински факултет прашав на студентски прашања дали се плаќа пониска партиципација доколку станува збор за  студент со самохран родител. Одговорот беше „Не, тоа порано важеше кај нас, но во последниве 4 години веќе не важи тој закон“, па продолжив да плаќам целосна партиципација“;

„При упис во прва година, а сега запишувам трета, ми рекоа дека е укината помошта за деца од еднородителски семејства и од тогаш си ја плаќам целосната сума на Архитектонски факултет“;

„Јас сум студент на факултетот за безбедност при УКЛО. Веќе две години плаќам целосна партиципација, иако сум дете на самохран родител. Кога се обратив до МОН и до унивезитетот ми беше кажано дека сѐ е во рацете на мојот матичен факултет“.

Веќе неколку години студентите на државните универзитети кои доаѓаат од еднородителски семејства талкаат низ студентските служби барајќи одговори дали како деца на самохрани родители можат да остварат некакви права и да плаќаат пониска школарина.

Нивните права се регулирани во „Правилникот за начинот на проверка на основните критериуми и запишување во квоти на студентите чие родителско право го врши само еден родител, како и посебните критериуми за остварување на ова право“ донесен во 2017 година, според кој оние студенти што ги исполнуваат условите имаат право на плаќање половина од сумата за школарина при упис на факултетите.

Минатата недела граѓанската организација „One Can – Youth“ објави дека студентите од самохрани и еднородителски семејства се изоставени од сегментот на специјални околности при упис на некои факултети. Тие реагираа дека во делот наменет за специјални околности недостасува називот „Кандидат чие родителско право го врши само еден родител“, со што се врши дискриминација според Правилникот од 2017 година.

По рекцијата, од граѓанската организација добиле ветување од ректоратот на УКИМ дека Правилникот ќе се почитува, а студентите со самохрани родители ќе можат да ги остварат своите права.

Од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола велат дека уште немаат заземено став, затоа што оваа категорија на студенти не е опфатена со ниту еден закон.

Во одговорот за „Мета.мк“ велат дека студентите кои доаѓаат од еднородителски семејства не постојат како категорија во Законот за високо образование, па поради тоа Универзитетот не можел да најде основ за намалување на нивната школарина.

„Намалувањето на трошоците за школарина и ослободувањето од овие трошоци е регулирано со Законот за високото образование, каде се наведени категориите студенти на кои овие поволности се однесуваат. За жал, во Законот не постои категорија студенти кои доаѓаат од еднородителски семејства за којашто би се однесувало олеснувањето, односно намалувањето на трошоците за школарина“, велат од УКЛО.

Од таму додаваат дека Правилникот на кој се повикуваат граѓанските организации и универзитетските собранија повеќе не е важечки, затоа што бил донесен врз основа на стар закон.

„Правилникот е донесен врз основа на стариот Закон за високото образование. Нов правилник што би го третирало ова прашање сѐ уште не е донесен, па Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола не наоѓа законски/подзаконски основ за примена на наводите во застарениот и неважечки правилник. Секако, студентите кои според стариот Правилник го користат правото на намалување на трошоцита за школарина, ваквата поволност ќе ја користат до завршување на нивните студии“, велат од битолскиот УКЛО.

Најава за промени, односно воведување на намалена партиципација за школување за овие студенти нема ниту од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Од таму не дадоа конкретен одговор на ниту едно од упатените прашања, туку велат дека го почитуваат членот 128 од Законот за високо образование каде е регулирано прашањето за ослободување на студентите од партиципација.

Но, во овој член, како категорија не се наведени студентите кои доаѓаат од еднородителски семејства.

„ Јавната високообразовна установа нема да наплатува партиципација за:

– лица без родители помлади од 26 годишна возраст, доколку се невработени;

– лица со инвалидност, согласно уредбата која ја донесува Владата по предлог на Националниот совет;

– воени инвалиди;

– лица растени во домови за напуштени деца доколку се невработени и

– и други лица утврдени со уредбата на Владата донесена по предлог на Националниот совет“, стои во Член 128 од Законот за високото образование на кој се повикува УГД.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во моментов е единствен помеѓу државните универзитети кој по реакциите во јавноста најави промени. Но, кога и на кој начин ќе се решава прашањето на студентите со самохрани родители ќе се знае по средбата на Ректорската управа која треба да се одржи во втората половина на септември.

Засега, при уписот на студентите на факултетите при УКИМ е додадена и категоријата „Кандидат чие родителско право го врши само еден родител“. Нема конкретен одговор за тоа колкумина студенти ќе ги следува намалување на трошоците. Досега, на дел од факултетите олеснување на школарината имаше само за еден или двајца студенти по една студиска програма.

Останува нејасно и дали намалената школарина ќе важи само за оние студенти кои за првпат се упишуваат на факултет или пак ќе бидат опфатени и студентите од повисоките години кои досега ја плаќале целосната сума за школување.

Одговори на овие прашања државните универзитети и институциите ќе треба да дадат што побргу, со оглед на тоа што уписите на дел од факултетите веќе се во тек или почнуваат деновиве.