Уникатен спој на македонското културно наследство и модерен накит изработен од женски раце

Фото: Мета.мк

Минатата недела на приземјето во скопскиот трговски центар Сити Мол, 23 уметници учествуваа на настанот „Денови на филигранство и накит”, со цел да ги оживеат традиционалните културни вредности и да се брендира филигранскиот накит.

Ова беше прилика да се видат рачно изработени уметнички форми на накит од сребро, бакар, челик, преку епоксидна смола, чисто и позлатено сребо, полимерна глина,  керамика, плексиглас и мурално стакло, изработени од женски раце.

Секоја од учесничките кои ги изложија нивните уникатни прстени, привезоци, брошеви и сувенири имаат и своја приказна која е елегантно проткаена низ нивните ракотворби.

Фото: Мета.мк

Меѓу нив е и виолинистката и екологистка Лада Шоптрајанова Петровска. Таа на своите гради гордо носи привезок кој самата си го изработила, а го симболизира најзиното име – пролетна божица на убавината и љубовта, заштитничка на семејството.

„Изработката на филигранот за мене е уште една можност, уште еден медиум за да можам на поинаков начин да ги пренесам моите ноти и музички приказни. Филигранот ми беше љубов од секогаш и на 48 години решив дека изработката на филигран ќе ми стане професија. Сум свирела низ целиот свет, а сега свирам преку среброто. Сега сум навистина среќна“, раскажа Лада за Мета.мк.

Фото: Мета.мк

Таа накитот го изработува и по нарачка, но инсистира секое парче што ќе го направи да биде според нејзината визија.

За многу од учесничките изработката на накит од филигран, покрај тоа што е можност да заработат, значи и релаксација. Наместо дијазепамче-филигранче, велат во смеа.

Меѓу нив, има и учеснички кои покрај тоа што ги покажуваат своите уметнички способности преку нивните дела, ги истакнуваат и убавините на македонската флора, а и автентичните полускапоцени камења како македонскиот рубин, жадот и амазонитот кои се наоѓаат во нашите простори. Некои, во накитот што го прават, употребуваат цвеќиња и други билки кои ги собираат додека шетаат низ ливади и шуми.

Фото: Мета.мк

Жицата која е основниот материјал за изработка на филигран Данче Наумовска ја употребува на поинаков начин. Таа бакарните нишки нежно ги комбинира со бои и смоли во форми кои за некого изгледаат како апстракции, но всушност го претставуваат охридскиот сунѓер, кој според научниците претставува една од најинтересните реликтни форми во езерото.

„Преку изработката на овој наќит сакам да ја потсетам јавноста дека во Охридското езеро освен пастрмката има и други значајни организми што се сочувале до денес и треба да ги промовираме“, вели Данче Наумовска.

Фото:Мета.мк

На настанот своите производи ги изложија: Катарина Дода – „KD Jewelry“, Светлана Ивановска – „Арт Студио С“, Кристина Мауровска Темкова – „Студио Кристина“, Елена Поповска -„Мај Прешс“, Марина и Елена Јакшиќ „Ателје Сиена“, Александра Атанасовска – „МОRPHO“, Маја Донева, Миранда Дема – „Coral Jewelry“, Јулијана Илиевска – „Џули Декупаж“, Марта Пејоска, Лада Шоптрајанова Петровска – „Filigree LARGO“, Милица Гавриловска – „Equilibrium.fine.arts“, Елеонора Дулјанова – „Small piece of joy“, Марија Таировска – „Marcy’s handmade“, Емина Амит – „Ателје Месечина“, Ивана Кондратенко – „ARTNOK“, Милена Станковска – „BRUMA“, Татјана Богоевска и Борче Богоевски – „Керакамика“, Данче Наумоска – „КОППЕР АРТ“, Дијана Тодоровски – „Добро ми Стои“, Катерина Јовановска – „Stardust Kejt Rakotvorbi“, Блашка Миева –„Freya Fashion Jewellery” и Ибро Ибраим – „Филигран Ибро“.