Неодамнешните настани во врска со групата креирана преку „Телеграм“ на која размената на содржини вклучуваше и неовластено споделување фотографии и видеа од малолетни лица и млади девојки, претставуваат аларм кој повикува да се спроведе поусогласена меѓусекторска акција за заштита на децата и младите од опасностите што ги предизвикува насилството преку интернет, сајбер насилството и дигиталното вознемирување, порачуваат од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.

– Интернетот стана дел од животот на младите без оглед на нивото на нивни приходи. Според најновите податоци со кои располага Државниот завод за статистика, 100 отсто од младите на возраст од 15 до 24 години во нашата земја користат интернет. 96 отсто од нив го користат секој ден или скоро секој ден. 90 отсто се дел од социјалните мрежи, 94 отсто разменуваат пораки и 95 отсто испраќаат содржина која самите ја креираат. Ова е далеку поголемо темпо на употреба на интернет во однос на другите возрасни групи. Содржината ставена на интернет може брзо да допре до голем број луѓе и да остане пристапна онлајн на неопределено време. Насилството преку интернет, сајбер насилството и дигиталното вознемирување взаемно се потхрануваат и создаваат можност кај детето да се развијат и други штетни однесувања – велат оттаму.

УНИЦЕФ ги повикува надлежните да преземат поусогласена меѓусекторска акција за да ги заштитат децата и младите од насилство и од сајбер насилство, вклучувајќи зголемена соработка меѓу секторите за здравство, образование и заштита за реализација на програма за ментално здравје на адолесцентите и програми за превенција од меѓу-генерациско пренесување на насилството и негативните искуства. Исто така неопходно е да има и програми за родители преку кои ќе се гради способноста на родителите отворено да зборуваат со децата и младите за развојот на адолесцентите вклучувајќи и разговори за безбедност при користење интернет.

– Потребно е и инвестирање во едукативни програми за безбедно користење интернет за деца и млади кои ќе опфатат повеќе содржини, а не само информации за заштита на податоци. Децата треба да бидат свесни и за придобивките и за ризиците од нивното ангажирање преку интернет, треба да знаат дека по својата природа интернет не е приватен и дека сѐ што се споделува останува постојано таму. Освен тоа, им треба вистинска поддршка која ќе спречи нивно вклучување во ризично однесување и ќе ги поттикне да се однесуваат со почит едни кон други секаде, вклучувајќи и на интернет – велат од организацијата.

Во УНИЦЕФ сметаат дека е неопходно и инвестирање во подготвеност на училиштата да одговорат на траума и да обезбедат професионални услуги. Според нив има потреба од професионална едукација која ќе ги подготви вработените во училиштата да ги забележат предупредувачките знаци на насилство и да одговорат соодветно на нив. Наставниците и психолозите во училиштата треба да имаат знаење како да водат отворен разговор со децата на теми поврзани со врсничко насилство, емотивна болка, анксиозност и самодоверба.

– Јавноста и професионалците треба да знаат да препознаат дека децата се пред сѐ деца, мора да внимаваат да не ги понижуваат, да не ги етикетираат, виктимизираат и да не ги изложуваат на секундарна виктимизација. Во работата со сите деца мора да се раководиме според принципот на најдобар интерес на детето – порачуваат од УНИЦЕФ.