УНИЦЕФ: Ако наставниците бидат приоритет во вакцинацијата, ќе може да предаваат во живо

Фото: NeONBRAND, Unsplash

УНИЦЕФ смета дека наставниците треба да се приоритет за вакцината за ковид-19, откако ќе се вакцинираат здравствените работници коишто се најизложени на вирусот и населението што е во висок ризик. На овој начин, наставниците полесно ќе се заштитат од вирусот, ќе можат да предаваат во живо, и на крајот на краиштата училиштата ќе останат отворени, вели извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Фор.

„Иако владите на крајот одлучуваат за распределбата на вакцините, последиците од продолжени периоди пропуштена или нарушена настава се тешки, особено за најмаргинализираните заедници. Што подолго се децата надвор од училиште, помалку е веројатно дека ќе се вратат, а со тоа е и потешко за нивните родители да се вратат на работа“ вели Фор, која додава дека тешките одлуки подразбираат и големи отстапки, но и дека треба да се преземе сè што е неопходно за да се заштити иднината на следната генерација.

Фор потсетува дека со затворањето на сите училишта се наруши процесот на учење на безмалку 90 насто од учениците на светско ниво. Иако таа бројка од април наваму се намали, сѐ уште без никаква поткрепа се верува дека со затворање на училиштата може да се забави ширењето на болеста, и покрај сѐ поголемиот број докази дека училиштата не се главниот причинител за пренос во заедницата. Како последица на тоа, како што бројот на случаи драстично се зголемува во многу земји во светот, во заедниците повторно се затвораат училиштата. Од 1 декември, училиштата се затворени за речиси секој петти ученик на глобално ниво – или за 320 милиони деца.