УНИЦЕФ: Повеќе од 1,5 милиони деца ја напуштија Украина, голем ризик од експлоатација, злоупотреба и родово насилство

Фото: Алисон Томпсон, приватна архива

Војната во Украина претставува непосредна и растечка закана за животот и благосостојбата на 7,5 милиони деца во земјата. Хуманитарните потреби се множат од час во час додека борбите се интензивираат. Децата продолжуваат да бидат убивани, ранувани и длабоко трауматизирани од разорното насилство насекаде околу нив. Семејствата се преплашени, шокирани и очајни за безбедност, алармира УНИЦЕФ.

„Сега, непосредната и многу реална закана за децата во Украина порасна. Домовите, училиштата, сиропиталиштата и болниците се на удар. До 15 март, повеќе од 1,5 милиони деца ја напуштија Украина бидејќи војната продолжува да ја пустоши земјата додека семејствата очајно бараат безбедност и заштита“, се вели во објавата на УНИЦЕФ.

Од Фондот за деца при Обединетите Нации велат дека раселените деца се изложени на зголемен ризик од насилство, експлоатација и злоупотреба, додека раселените жени и девојчиња се особено изложени на ризик од родово засновано насилство кога се засолнуваат или бараат азил.

„Секогаш кога децата се протерани од нивните домови поради конфликт, нивната изложеност на опасност ескалира. Покрај ризикот да бидат повредени или убиени од оружје и експлозивна муниција, раселените деца се соочуваат со бројни предизвици во транзитот“, велат од УНИЦЕФ додавајќи дека како што борбите се интензивираат, тие имаат малку – или никакви – опции да се движат низ безбедни коридори, без разлика дали се сами или со своите семејства.

Покрај тоа што тие може да бидат жртви на насилство, тие немаат пристап до основна медицинска нега, чиста вода и храна. УНИЦЕФ нагласува и дека многу вооружени групи, исто така, користат сексуално насилство како алатка за војување.

Меѓу алармантните факти кои ги објави Фондот за деца при ОН за заштита на правата на децата наведено е дека девојките и жените може да бидат принудени да заменуваат секс за храна, пари и други ресурси што им се потребни за да преживеат, а на некои места, тие се венчани насилно иако се малолетни.  А, ова ги става во значителен ризик од сиромаштија, изолација и дополнително насилство.